Земјава домаќин на работилница за Европа за Национални стратегии за сајбер безбедност

28

Северна Македонија со поддршка на Меѓународната унија за телекомуникации- ITU, е домаќин на тридневна работилница за сајбер безбедност.

Настанот денеска го отворија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, Ионут Андреи, државен секретар во Министерство за комуникации и информатичко општество, како претставник на романското претседателство во Советот на ЕУ,  Марко Обисо, раководител на Одделот за ИКТ апликации и Одделот за сајбер безбедност во ITU и Милан Секулоски, виш советник за Европа и Централна Азија, од Женевски центар за управување со безбедносниот сектор- DCAF.

“Сајбер просторот се споделува на глобално ниво, меѓу граѓаните, јавните администрации, бизнисите, граѓанските општества, меѓународните организации, но исто така и меѓу злонамерни корисници и криминални организации. Наша заедничка одговорност е да играме фер и да ги штитиме сите процеси, како и најранливите податоци и пристапот до ресурси. Искористувајќи ги наодите од прегледот на капацитетите за сајбер-безбедност, во соработка со Светската банка и Универзитетот на Оксфорд, како и од националните анализи, се изготвија Националната стратегија и Акциски план за сајбер-безбедност за периодот 2018 – 2022 година.

Стратегијата и Акцискиот план беа изготвени, не само со поддршка од меѓународните партнери и од Европската Комисија, туку и во процес на широки консултации со јавноста. Содржината на Стратегијата и на Акцискиот план подлежеше на јавни дебати, на кои претставници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу другите, имаа можност да ги дадат нивните коментари и предлози. Нашата волја и подготвеност за градење капацитети беше поткрепена со силна соработка со повеќе засегнати страни, при што сите организации кои доаѓаа од различни сектори од општеството беа ангажирани во преглед на содржината, но исто така ги споделуваа нивните искуства и експертиза.

На национално ниво, ја препознавме потребата да инвестираме во опремување на нашите луѓе, на работната сила во јавната администрација, но и на нашата индустрија со потребните вештини и капацитети, особено на Македонскиот тим за справување со компјутерски инциденти (MKD-CIRT) како национално координативно тело за известување и справување со инцидентите поврзани со сајбер-безбедноста. Со одличната соработка и поддршката од Европската Комисија во областа на дигиталната политика, Северна Македонија отвори Научно-технолошки парк во Скопје, во чиј склоп наскоро ќе се отвори Регионален центар за обука и истражување на сајбер-безбедноста.

Предлогот за отварање Регионален центар за обука и истражување на сајбер безбедноста во Скопје е поднесен, а проценката на организациските и финансиските ресурси веќе е во тек. Предложениот концепт за Регионалниот центар за обука и истражување на сајбер безбедноста предвидува дека истиот ќе биде во склоп на Научно-технолошкиот парк во Скопје, и дека ќе нуди професионални обуки, како центар за обука на административни службеници и академско истражување, академска соработка и заедничка работа на научници и истражувачи од шесте земји на Западен Балкан. Со оваа иницијатива, се стремиме да ја поттикнеме соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, како и да поттикнеме користење на приодите на ЕУ кон сајбер безбедноста, фокусирајќи се на истражување и иновации во областа на сајбер безбедноста.“, изјави, меѓудругото, во своето обраќање министерот Манчевски.