Земјава има интерес да биде дел од изградбата на нуклеарката Белене во Бугарија

50

Интересот за учество на Северна Македонија во изградбата на нуклеарната централа Белене во Бугарија е уште еден чекор за продлабочување на соработката во делот на енергетиката. Северна Македонија сака да биде партнер на Бугарија во изградбата на овој важен енергетски капацитет за што бенефит ќе има целиот регион, стои во соопштението.

Министерот за економија, Крешник Бектеши на средбата со министерката за енергетика на Бугарија, Теменужка Петкова истакна дека Владата и Министерството за економија во наредниот период ќе работат на реализација на проекти за енергетско поврзување на двете земји. Северна Македонија во изминатите две години, како што потенцираше Бектеши направи големи реформи во енергетскиот сектор и целосно ја транспонираше европската регулатива.

“Имаме потполно нов Закон за енергетика во кој се транспонирани европските регулативи. Работиме напорно да ги зголемиме капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори, посебно од сонце и за таа цел преминавме од фидинг тарифи на премиум тарифи. Првиот јавен повик за изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште кој беше објавен пред неколку месеци и е многу успешен е пример во регионот. На јавниот повик пристигна понуди од инвеститори кои бараат нула евра премиум од државата за произведената струка“, рече Бектеши.

Во делот на снабдување со електрична енергија, министерот Бектеши уште еднаш го изрази интересот на државата да учествува со 10% во изградбата на нуклеарната централа Белене и да купува 10% од произведената струја, за што министерката Петкова потенцираше дека е од исклучително значење за Бугарија.

“Нуклеарната централа Белене е таков проект кој може да го реши дефицитот на струја во регионот. Освен Северна Македонија, за учество во проектот пристигна понуди од 13 стратешки инвеститори. До крајот на годината ќе направиме конечна листа на стратешки партнери кои се во трка за учество во изградбата на нуклеарната централа и на почетокот на 2020 година ќе ве поканиме на техничко ниво и вие како држава и заинтересирана страна да започнете преговори со приватните инвеститори за учество во Белене“, рече министерката Петкова.

Министерот информираше за инвестициите кои ги прави државата во изградба на гасификационата мрежа, и изрази интерес за побрза изградба на интерконекциската врска за снабдување со природен гас од Бугарија на потегот Петрич-Струмица.

Фото: Pixabay