Земји со најголеми девизни резерви на планетата

230

Кина е лидер во светски рамки бидејќи има најголеми девизни резерви, чија вредност заклучно февруари оваа година, беше 3.336.018.000.000 долари. Зад нејзе е Јапонија со девизни резерви од 1.379 милијарди долари на крајот на минатиот месец, додека “бронзата“ оди кај Швајцарија, којашто според последните податоци од јануари годинава, има нешто над илјада милијарда долари девизни резерви.

Меѓу 10-те земји во светот со најголеми девизни резерви се и: Индија (580,2 милијарди долари), Русија (580,1 милијарда долари), Тајван (543,3 милијарди долари), Хонгконг (495,9 милијарди долари), Саудиска Арабија (450 милијарди долари), Јужна Кореја (447,6 милијарди долари) и Сингапур (382,6 милијарди долари).

Од земјите во регионот, највисоко ниво на девизни резерви има Бугарија, којашто е 50-та во светот со 37,8 милијарди долари на крајот на декември лани. Следуваат: Хрватска (61-во место) со нешто над 22 милијарди долари вкупни девизни резерви во ноември 2020 година, Србија (67-ма) со 16,5 милијарди долари на крајот на декември лани, Грција (74-та) со 11,7 милијарди долари на крајот на јануари годинава, Босна и Херцеговина (81-ва) со 8,2 милијарди долари вкупни девизни резерви на крајот на ноември 2020 година, Албанија (101-ва) со 4,8 милијарди долари заклучно јули 2020 година.

Македонија е 104-та во светски рамки, согласно податоците на Wikipedia, со нешто над четири милијарди долари во септември лани. Според последните податоци од Народна банка, вкупните официјални девизни резерви заклучно февруари оваа година достигнаа ниво од околу 3,8 милијарди долари.

Зад нас е Црна Гора (126-та) со 1,5 милијарди долари вкупни девизни резерви во 2019 година, Словенија (134-та) со 1,2 милијарди долари во октомври 2020 година.

Од вкупно 196 земји во светот, на дното на листата со најмалку вкупни девизни резерви се најдоа: Кирибати (седум милиони долари во декември 2017 година), Сомалија (32 милиони долари во декември 2017 година), Сао Томе и Принципе (47 милиони долари во 2019 година), Буркина Фасо (45 милиони долари заклучно 31 декември 2017 година) и Екваторијална Гвинеја (48 милиони долари во 2018 година).

Фото: Pexels