Дејан Георгиевски, олимписки вицешампион во теквондо, ќе добие парична награда во висина од 1,2 милиони денари и дополнителни 600.000 денари од Агенцијата за млади и спорт. Честа е праксата меѓу земјите во светот да ги награди и да им подели бонуси на спортистите кои ќе се закитат со медал на најзначајниот спортски настан на планетата – Олимписките игри.
Па така, според податоците на Swim Swam, Сингапур за секој златен медал донесен под нивното знаме одвојува 744.000 долари, за оние кои ќе добијат сребрен медал ќе имаат бонус од 372.000 долари, додека за бронзен медал ќе добијат 186.000 долари.
На второ место е Индонезија, којашто за златен олимписки медал одвојува бонус од 746.000 долари, за сребро 378.000 долари, а за бронза 188.000 долари.
Трета земја со најголеми бонуси за освојувачи на олимписки медали е Хонгконг со 644.000 долари за злато, 322.000 долари за сребро и 161.000 долари за бронза.
Меѓу земјите коишто може да се пофалат со бројни олимписки медали, а кои даваат бонуси на своите спортисти се: Италија (212.000 долари), Франција (65.000 долари), Русија (61.000 долари), Бразил (47.500 долари), Јапонија (45.200 долари), САД (37.500 долари), Германија (22.000 долари), Канада (16.000 долари)…
Светските медиуми јавуваат и за еден малку необичен бонус што Филипините го одвојуваат за нивна спортистка која освои златен медал на Олимпијадата. Хајделин Диаз од Филипините во Токио успеа да подигне 224 килограми товар и го освоила златниот медал, што е прв во историјата на земјата. Филипините досега освоиле 10-тина медали, но за првпат златен оваа година. Државните власти одлучија на Диаз да ѝ подарат нова куќа, 660.00 долари и доживотен бесплатен лет со авион.
Фото: Pixabay