Земјоделците ќе можат да се стекнат со старосна пензија

25

penzii

Владата на својата последна седница ги усвои измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. По усвојувањето на овој закон од Собранието, ќе се создадат законски можности неколку стотици индивидуални земјоделци да се стекнат со старосна пензија. Ова законско решение ќе почне да се применува од 1 јануари 2016 година, јавува Миа.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска соопшти дека со овие измени се предлага да се воведе законска можност на земјоделците да им се смета во нивниот стаж и времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците, кој се применуваше во перодот од 1978 до 1988 година. Со тоа би се создале можности за исполнување на минималните услови за остварување право на старосна пензија – 15 години пензиски стаж.

“Ако осигуреникот нема целосно утврден стаж на осигурување по 1 јануари 1989 година, заради исполнување на условите за остварување право на старосна пензија, ќе се смета времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците кој се применуваше од 1978 година до 1988 година, доколку бил пријавен во осигурување и придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на Законот за старосно осигурување на земјоделците и доколку изврши уплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период по 1 јануари 1989 година, до исполнување на условот од 15 години стаж на осигурување доколку бил пријавен во задолжително социјално осигурување по 1 јануари 1989 година”, појасни Спасов

За оваа мерка Владата ќе одвои 34 милиони денари годишно за исплата на пензии. Според министерот, со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 400 земјоделци.