Земјоделските култури во Пелагонија со намален квалитет

39

6962A13787082847941B46979D4C61F8Според оценката на агроекспертите од битолскиот дел на Пелагонија, високите дневни температури го намалија квалитетот на земјоделските култури од годинешната реколта чија берба е во полн ек.

“Паралелно со бербата на земјоделските производи се одвива и откупот, но за жал сушата го направи своето и го намали квалитетот, иако пролетоска објективно очекувавме поголем квалитет, посебно на пченицата и на тутунот во Пелагонија”, истакна Илија Србиновски раководител на подрачната едница на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со седиште во Битола.

Србиновски додаде дека годинава во битолскиот дел на Пелагонија собрани се околу 60.000 тони пченица, но со послаб квалитет наспроти ланскиот. Досега се откупени околу 70% од вкупните количини лебно зрно, но откупот на произведеното продолжува.

Исто така регистриран е и послаб квалитет на тутунот и поради тоа од засадените површини ќе бидат собрани околу 2.500 тони тутун.

Како што информираат од подрачната единица на МЗШВ, во битолскиот дел на Пелагонија во овој период од годината се врши собирање на фуражните, силажните и градинарските производи, индустриска пиперка и моркови, а на почетокот од идниот месец ќе почне бербата и откупот на доматите.

“Земјоделците веќе размислуваат и за есенската сеидба. Првичните подготовки се насочени кон планирањето на површините, потребниот семенски материјал и употреба на современа механизација која се повеќе ја применуваат земјоделците од Пелагонија. Очекувавме и придвижување на состојбите со производството на шеќерната репа, но за жал нема некоја посебна иницијатива од битолската шеќерана за овој важен земјоделски производ”, истакна Србиновски.