Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во септември

19

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во септември оваа година е за 0,6 процентни поени зголемен во однос на претходниот месец, додека во однос на истиот период лани зголемувањето е за 5,5 процентни поени, покажува оценката на раководителите на деловните субјекти.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во септември 2016, во однос на август 2016 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се речиси на исто ниво како во претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во септември 2016 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна во однос на септември 2015 година.

Оценката за бројот на вработените е дека ќе се зголеми. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември 2016 година изнесува 65,6% од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 21,2%, недоволната домашна побарувачка со 18,9% и недостигот на квалификувана работна сила со 15%.