Зголемената побарувачка за кафе и храна за домашни миленици го поттикна силниот раст на приходите на швајцарската прехранбена групација Nestle во првото тримесечје, покажуваат прелиминарните податоци.
Компанијата во првото тримесечје има органска стапка на раст на приходите, што ги исклучува промените на валутните курсеви и продажбата односно купување на имот од 7,7%. Во истиот период минатата година таа изнесувала 4,3%.
Тримесечниот органски раст е најсилен од 2011 година, а вкупните приходи во првото тримесечје пораснаа за 1,3%.
Најсилниот придвижувач на раст и понатаму е продажбата на кафе, со скок на продажбата на Nespressoза 17%, а се издвоила и продажбата на млечни производи за скоро 16%. Купувачите повеќе барале и производи за домашни миленици, чија продажба е зголемена за околу 9%.
Меѓу регионите се издвојуваат Азија, Океанија и супсахарска Африка со органски раст од 9,1%. Следат Северна и Латинска Америка со органски раст од 7,2%, додека во Европа, на Блискиот исток и во Северна Африка изнесуваше 4,4%.
Компанијата очекува оваа година органскиот раст да ги надмине минатогодишните 3,6% и да се приближи на ниво од 5%.
Фото: Pexels