Зголемување на девизните резерви од над 500 милиони евра во јануари

15

Вкупните девизни резерви на крајот на јануари оваа година изнесуваат 2.483.700.000 евра, што претставува зголемување од 504.600.000 евра во однос на истиот период минатата година, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија.

Најголем дел од девизните резерви се хартиите од вредност, кои во јануари достигнаа 1.989.100.000 евра, додека во истиот период претходната година, тие имаа вредност од 1.632.400.000 евра. Во овој сегмент порастот е од 356.700.000 евра.

Зголемување од 104 милиони евра има кај ставката валути и депозити, т.е. во јануари оваа година на оваа сметка имаше 245.800.000 евра, додека во истиот период минатата година состојбата беше 141.800.000 евра.

Пораст од 44 милиони евра има кај монетарното злато што највисоката монетарна власт го чува. Па така, на крајот на јануари вредноста на монетарното злато беше во вредност од 244.400.000 евра, додека во истиот период претходната година тоа беше на ниво од 200.400.000 евра.

Девизните средства се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за директно финансирање на нерамнотежата во платниот биланс и индиректно регулирање на таквата нерамнотежа преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс.

Девизните резерви, како средства со кои располагаат и се контролирани од страна на монетарните власти, се состојат од: монетарно злато, специјални права на влечење, резервна позиција кај ММФ и девизи.