Жан Тирол добитник на Нобеловата награда за економија

22

tirol

Францускиот економист Жан Тирол (61) ја доби Нобеловата награда за економија за неговите анализи за моќта и регулацијата на пазарот.

“Регулаторите и телата за заштита на пазарната конкуренција добија цел нов сет на алатки благодарение на работата на Тирол”, соопшти Шведската кралска академија на науките, пренесуваат медиумите.

Тирол е директор на Институтот за индустриска економија во Тулуз, каде ги разви своите идеи за влијанието на регулативата врз индустриските организации, користејќи теорија на игри.

Неговото истражување покажа дека пазарната регулатива треба внимателно да биде адаптирана на условите во специфичните индустрии, наместо да се воведува генерална регулатива како ограничување на цените, која може да предизвика повеќе штета отколку корист. Неговата работа имала силно влијание врз односот на државите кон спојувањето на картелите и регулацијата на монополите, пишува Дојче веле.

Нобеловата награда за економија, официјално позната како Шведска Риксбанк награда за економски науки, не беше една од оригиналните награди востановени од шведскиот индустријалец Алфред Нобел во неговиот тестамент од 1895 година. Беше воведена во 1968 година од Шведската централна банка – Риксбанк на нејзината 300-тота годишнина.