Женското претприемништво нуди огромни можности за развој на економијата

314

Презентација на порталот за женско претприемништво Women in Adria, како и создавањето на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери беа фокусот на Конференцијата за женско претприемништво и пристап до капитал, којашто вчера се одржа во хотел Порта во Скопје во присуство на голем број заинтересирани, претставници на државните институции и приватниот сектор.

Настанот е дел од проектот Women in Adria и CEED Hub за поддршка на женското претприемништво во Македонија и е поддржан од Министерството за економија, од мрежата на жени претприемачи – Women in Adria во Хрватска. Во нашата земја имплементациски партнер на овој проект е ЦЕЕД Хаб Скопје.

Главен говорник на конференцијата беше Ивана Матиќ, директорката на мрежата на жени претприемачи во Хрватска и сопственик на хрватското издание на оваа интернет платформа. Таа зборуваше за влијанието што овој веб портал го има во нејзината земја, а сподели и искуства од примената на механизмите за поддршка на женското претприемништво таму. Според неа, потребата од конкретни мерки за поддршка на оваа категорија стопанственици е од огромно значење за развојот на целокупното општество.

“Малите и сиромашни држави кои ги губат своите жители, како Хрватска и Северна Македонија, мораат особено да внимаваат на развојот на женското претприемништво. Тоа се жени кои креираат работни места и раѓаат деца! Покрај поддршката за инвестиции во бизнисот, ним им е важна и поддршката која ќе го осигура нивниот капитал во форма на време, на пример, како субвенционирање на трошоците за чување деца за оние жени претприемачи кои се на почетокот на нивната кариера“, истакна Матиќ.

Интернет платформата Women in Adria служи како алатка за вмрежување, информирање и размена на искуства, но и за интернационализација на домашните бизниси и регионално поврзување, додека пак целта на ЦЕЕД Клуб за жени претприемачи и менаџери е организација на што поголем број обуки и едукативни и информативни работилници, со цел поуспешен бизнис развој и влез на нови пазари.

Покрај презентацијата на веб порталот и најавата на клубот за жени претприемачи и менаџери, на конференцијата се обратија неколку жени претприемачи на домашни компании од различни области, кои го споделија сопственото искуство, проблемите и препреките со кои се соочиле кога започнале да водат сопствен бизнис, како и препораки и насоки за идните жени претприемачи.

Тања Котевска, сопственичка на ГринАгро, компанија којашто произведува крмни смеси и компоненти за добиточна храна, Наталија Бургиева, сопственичка на еко – компанија Мама Органа, Светлана Кордумова, сопственичка на технолошка компанија Пиксајл, Магдалена Трајковска – Трпевска, сопственичка на единствената сертифицирана лабораторија за испитувања поврзани со животната средина Технолаб и д-р Ивана Ивановиќ, претседател на Тим Институт, експертски истражувачки институт, беа дел од панелот во кои се презентираа успешните практики во нашата земја.

Покрај панелот за успешни домашни приказни, се одржа и панел за пристап до финансии на којшто учествуваа претставници на државните институции што нудат механизми за поддршка на женското претприемништво, но и финансиски институции кои имаат посебни програми наменети токму за оваа категорија претприемачи. Соња Ингилизова беше претставник на Европска банка за обнова и развој, Наташа Стоименова, директор на сектор за кредитирање при Комерцијална Банка го претстави работењето на нејзината институција, Елеонора Згоњанин Петровиќ, директорка на штедилницата Фулм, зборуваше за форумот на жени кои постои во рамки на нејзината компанија, Марина Арсовска, раководител на сектор за поддршка на микро и мали претпријатија при Министерство за економија ги презентира мерките за развој на женско претприемништво, додека Ана Арсиќ од Фонд за иновации и технолошки развој ги презентира инструментите за поддршка на ФИТР.

Според Зоран Павловски, државен секретар во Министерството за економија, државата ја согледува потребата од имплементација на ваков вид механизми за поддршка, па затоа ресорната институција веќе девет години по ред спроведува конкретна мерка за поддршка на женското претприемништво, во рамки на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво.

“Преку оваа мерка се субвенционираат претпријатијата во сопственост и управувани од жени преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци за набавка на опрема, уредување на деловен простор и воведување на софтверски решенија. Во изминатите осум години субвенционирани се вкупно 141 компанија во сопственост и управувани од жени со вкупно 13.129.899 денари“, информира Павловски.

Јован Маџовски, првиот човек на ЦЕЕД Македонија, посочи дека во тек е креирање на клуб на жени претприемачи, чија улога, покрај обезбедувањето финансиска поддршка за развој на бизнис, ќе нуди и друг вид услуги како што се можности за вклучување во предакцелераторска и акцелераторска програми на ЦЕЕД Хаб, групна и индивидуална менторска поддршка, разни видови настани со фокус на вмрежување и влез на различни пазари и друго.

“Верувам дека женското претприемништво нуди огромни можности за развој на економијата во државата, и во поглед на претприемачите и во поглед на консументите. Увидовме дека на жените им треба поддршка, која не е само финансиска, туку и менторска и акцелераторска, па и морална. Поради тоа, во тек е создавањето на клуб на жени претприемачи под капата на ЦЕЕД Македонија, каде работи тим со вистинските знаења и вештини и кој може да одговори на индивидуалните потреби на секоја жена претприемач. Нашите услуги се наменети не само за оние кои веќе имаат основано сопствен бизнис и сакааат да го унапредат своето работење, туку и за оние кои сакаат да се охрабрат да започнат сопствен бизнис, стартапи и новоосновани фирми. Искрено се надевам дека сме на почетокот на една успешна авантура за развој на женското претпиемништво во државата, што пак, благодарение на одличната соработка со Хрватска, ќе нè постави на лидерското место за развој на оваа стопанска гранка во регионот“, посочи Маџовски.