Жито маркети донира постелнини и средства за хигиена за децата од СОС Детско село

20

slika-sos-detsko-selo-2

Жито Маркети, еден од најбрзо растечките малопродажни ланци во земјава, вчера ги израдува децата од СОС Детско село. Тимот на Жито Маркети донираше постелнини, перници и средства за хигиена за седумдесетина дечиња од СОС Детското село, стои во соопштението.

“Со овој наш скромен придонес, се обидуваме да им обезбедиме убави сништа на децата од СОС Детското село. На овој начин, нашата компанија ги продолжува општествено – одговорните активности, за најдиректно да им помогнеме и да ги подобриме условите за живот на најранливата категорија – децата, односно, онаму каде што оваа помош е и најпотребна. Ние ќе продолжиме со ваквите активности и во иднина, како и до сега, секаде каде што за тоа ќе се појави потреба, за специфичните и ранливи категории”, изјави Стојанче Тодороски, оперативен директор на Жито Маркети.

Во моментот, во Детското село Скопје се згрижени 69 деца на возраст од две до 18 години, за кои се грижат 12 СОС мајки и соработници за грижа на млади. Преку превентивните програми на СОС Детското село Скопје се поддржани уште 150 деца во социјален ризик.

“Со вложувањето во заедницата се подобрува угледот и имиџот на претпријатијата во полето на општествена одговорност. Компанијата Жито Маркети е истакната и призната општествено корисна компанија, традиционално спроведува проекти за подобрување на квалитетот на живеење на различни категории на лица во ризик. Благодарни сме што оваа година се одлучија да ја поддржат нашата организација. Тоа на некој начин е и признание и доверба за СОС Детското село, препознавање на нашата мисија за градење семејства за деца во ризик“, изјави Александра Ивановски, директор на програми во СОС Детско село Македонија.

СОС Детско село Македонија е дел од големото семејство на меѓународната организација СОС Детски села интернационал. Главната дејност е насочена кон поддршка на деца без родители и родителска грижа, деца и семејства во социјални ризици, како и активности за застапување и лобирање за подобрување на квалитетот на грижа и превенцијата во полето на социјалната заштита.

На пригодната церемонија на предавањето на донацијата, претставниците на Жито Маркети нагласија дека приоритет на компанијата, како општествено одговорен субјект, е подобрување на условите и квалитетот на живеење на загрозените категории граѓани во Република Македонија.