Животот го осигурале над 242.000 граѓани, вложиле 21,5 милиони евра за 9 месеци

77

Најголемо учество во вкупното животно осигурување има осигурувањето живот со штедна компонента кое нуди покритие на ризик од смрт, а на истек на договорот осигуреникот си ги враќа вложените пари како да ги штедел. Во овој продукт осигуреници вложиле 13,6 милиони евра за првите девет месеци годинава. Петте компании за осигурување живот, вопрвите девет месеци годинава, исплатија 590.000 евра обештетување на блиски лица и роднини за смртни случаи кои имале „ризико“ животно осигурување

Вложувањата во животно осигурување достигнаа 1,32 милијарди денари (21,5 мил.евра) и во првите девет месеци годинава се зголемени за 12 отсто во споредба со истиот период лани. Повеќе од 242.000 граѓани имаат полиса за осигурување живот заклучно со крајот на септември годинава, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Во периодот јануари – септември петте компании за животно осигурување склучиле над 39.000 договори за осигурување.

Во износот на вкупни вложувања во животно осигурување најголемо е учеството на осигурување живот во кое е вклучена и штедната компонента. Овој осигурителен продукт со полисата за осигурување живот нуди можност вложените средства за осигурување да се штедат и по истек на рокот на полисата да му бидат исплатени на осигуреникот. Во осигурување живот со штедна компонента во првите девет месеци годинава се вложени 838 милиони денари (13,6 мил.евра).

Во класичното животно осигурување кое покрива ризик смрт, во овој период, се вложени 237 милиони денари (3,9 мил.евра). Овој продукт, популарно познат како „ризико осигурување“, нуди финансиски надомест за членови на семејство или блиски лица во случај осигуреникот да почине, но нема штедна компонента. Тоа значи дека вложените средства не се враќаат на осигуреникот на истек на договорот за осигурување.

„Јунит линкд“ осигурувањето е најновата класа на нашиот осигурителен пазар за животно осигурување. Кај ова осигурување вложените средства не се штедат туку се вложуваат во удели на инвестициски фондови кои купуваат акции и други хартии од вредност кои се тргуваат на светските берзи. Кај оваа класа осигурување ризикот од вложување го носи осигуреникот. Затоа и нема гарантирана осигурена сума која се исплаќа кога завршува периодот на осигурување. Тоа значи дека кога истекува рокот на договорот осигуреникот добива колку што во тој момент вредат уделите на инвестицискиот фонд во кој се вложени парите. Во првите девет месеци во овој осигурителен производ се вложени 250 милиони денари (4,1 мил.евра). Забележлив е тренд на раст на ова осигурување во вкупното животно осигурување.

За првите девет месеци петте осигурителни компании по сите основи исплатиле штети во вкупна вредност од 400 милиони денари (6,5 мил.евра). Од тоа при смртни случаи на осигуреници на нивни блиски лица и членови на семејства покриени со „ризико осигурување“ се исплатени 36,3 милиони денари (590.000 евра). Кај осигурувањата со штедна компонента се исплатени 345 милиони денари (5,6 мил.евра) на осигуреници на кои: им истекол договорот, го прекинале осигурувањето или биле обештетни блиски лица на осигуреници кои починале.Кај „јунит линкд“ осигурувањето за овој период се исплатени 17,2 милиони денари (280.000 евра) штети. Во тој износ откупот (предвреме прекинати договори на барање на осигуреници) учествува со 12,6 мил.денари (205.000 евра).