Златните имоти на Босфорот: Kириите во Истанбул вртоглаво пораснаа

283

Олчај Атик е студент. Лани за својата соба платил 700 турски лири, а денес киријата му скокнала на 1.800. Според Организацијата за економска соработка и развој, кириите во Истанбул пораснале за дури 157 отсто за пет години, што е најголем пораст во светот. А според студијата на турскиот приватен универзитет „Бахчешехир“, кириите во близина на универзитетите се зголемија уште подраматично – за 290 отсто.

900 евра кирија за еднособен стан

Германски Handelsblatt ги цитира резултатите од друга студија: студија на градските власти во Истанбул покажа дека кириите се зголемиле во просек за 66 отсто од почетокот на пандемијата. Севал Сенер од „Deep Poverty Network“, која ги проучува потребите на сиромашните урбани жители на Турција, изјави за весникот: „Луѓето без сигурни работни места изгубија голем дел од приходите за време на пандемијата. А оние кои не можеа да си ја платат киријата, останаа на улица“. Во меѓувреме, само 2 отсто од станбениот простор во Истанбул е достапен за луѓето со пониски приходи.

Многу Турци кои можат да работат од дома, поголемиот дел од последната година и половина го поминаа надвор од големите градови, вели брокерот Асуман Ајкут. По „заклучувањето“, сепак, тие се упатија назад во градовите. Така, побарувачката енормно расте, како и кириите, особено во центарот на Истанбул. Во населбата Бешикташ, на пример, киријата за еднособен стан е околу 880 евра, без другите трошоци. Во исто време минималната плата во земјата изнесува 260 евра, пишува ДВ.

Затоа, не е ни чудо што 95 отсто од станарите во Истанбул сметаат дека нивните кирии се превисоки, а 41 отсто доцнат со плаќањата. Во следните месеци, зголемувањето на цените на енергијата може да доведе многумина во уште поголеми финансиски тешкотии.

Брокерот Ајкут наведува и други причини за наглиот раст на цените: меѓу факторите за овој развој е и одредбата за реконструкција на стари згради во согласност со стандардите за отпорност на земјотреси. Програмата за обнова ги принудува станарите на такви згради привремено да се преселат во друг дом за време на периодот на реновирање, што ја зголемува побарувачката за краткорочно сместување и на тој начин го прави уште поскап.

Во исто време растат и цените на градежните материјали – пресметано во долари, бетонската арматура поскапела за 70 отсто за една година, а бидејќи лирата се повеќе поевтинува во однос на доларот, сега оваа арматура чини повеќе од двојно во Турција во споредба до минатата година.

Просечната каматна стапка во Турција е речиси тројно зголемена од летото 2020 година, кога изнесуваше 7 отсто. За да се компензира за ова, многу сопственици драстично ги зголемија кириите. Со други зборови, спротивно на економските теории, повисоките каматни стапки во Турција доведоа до инфлација на изнајмување наместо да го ограничат притисокот врз цената. Растат и продажните цени – за повеќе од 30 отсто во првиот квартал од оваа година.

Кој купува недвижен имот во Турција?

И уште бројки: од јануари до септември оваа година странците купиле 37.479 домови и куќи во земјата – 43,2 отсто повеќе во однос на истиот период лани. За странците цените се атрактивни поради слабата лира, а купувачите се главно од Иран, Ирак, Русија и Авганистан.

Што се однесува до становите, кои се продаваат по релативно ниски цени, за него се заинтересирани голем дел од бегалците кои пристигнаа во земјава. Според официјалните податоци, има околу 4 милиони, а повеќе од 97 отсто од нив живеат во нормални станови надвор од бегалските кампови. И има стотици илјади нерегистрирани мигранти кои помагаат да се зголеми побарувачката.

Според истражувањето на Фондацијата „Хајнрих Бол“, 65 отсто од Турците ги доживуваат бегалците во земјата како „економски товар“.