Златото ѝ донесе позитивен резултат на швајцарската централна банка

36

Швајцарската централна банка (SNB) извести дека работи во плус во третиот квартал поради зголемената цена на златото и подобрите резултати од инвестициите во странски средства.

Минатата година SNB работеше со загуба од 3,2 милијарди швајцарски франци или 3,34 милијарди евра, поради дефицитот од 8,5 милијарди франци на позициите во локална валута. Во 2022 година, SNB работеше со најголем дефицит откако е основан, од 132,5 милијарди франци, поради падот на вредноста на портфолиото на акции и обврзници.

Во периодот од јули до септември годинава SNB работеше во суфицит од 5,67 милијарди швајцарски франци или 6,03 милијарди евра. Во летото минатата година забележаа загуба од 12 милијарди франци.

Приходите од златните резерви изнесуваат 4,41 милијарди франци во летниот квартал. Во истиот период лани резервите им донесоа нето загуба од 132 милиони франци. Позитивниот резултат доаѓа од скокот на цените на благородниот метал, за 31 отсто од почетокот на годинава. SNB чува 1.040 тони злато во резерви, забележува Ројтерс.

Побарувачката за злато традиционално зајакнува во периоди на зголемени геополитички тензии, а годинава цените беа поттикнати од намалените каматни стапки и неизвесниот исход на претседателските избори во САД, како и скокот на американскиот јавен долг, пренесува Хина.

Швајцарската централна банка забележа и профит од 3,08 милијарди франци на позиции во странски валути со вкупна вредност. Минатата година тие забележаа минус од нешто повеќе од девет милијарди франци во таа ставка.

SNB инвестира во странски средства, вклучувајќи ги и акциите на американскиот производител на чипови Nvidia и технолошкиот гигант Apple.