Златото поскапе, нафтата поевтини – стабилно отворање на европските пазари

Европските берзански индекси денес беа претежно повисоки по сигналите дека се приближува политички договор што би можел да го прекине затворањето на федералната влада во Соединетите Американски Држави.

Американскиот Сенат доцна во понеделникот навечер усвои закон за финансирање на федералната влада до јануари, со поддршка од неколку демократски сенатори и речиси сите републиканци.

Се очекува Претставничкиот дом да го одобри законодавството во среда пред да го испрати до претседателот Доналд Трамп, објави CNBC.

Во Европа, инвеститорите ги анализираат најновите податоци за платите во Велика Британија и анкетата за економски расположенија на ZEW за Германија.

Инвеститорите, исто така, го следат самитот за климата COP 30 на Обединетите нации во Бразил, како и самитот за веб-технологија во Лисабон.

Денес во 9:30 часот наутро, индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,23 проценти на 24.022,27 поени, францускиот CAC 40 за 0,64 проценти на 8.107,57 поени, британскиот FTSE 100 за 1,09 проценти на 9.892,92 поени, додека московскиот MOEX малку падна за 0,03 проценти на 2.557,54 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones порасна за 0,81 проценти на 47.368,63 поени, вредноста на индексот S&P 500 за 1,54 проценти на 6.832,43 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 2,27 проценти на 23.527,17 поени.

Европските фјучерси за гас за декември беа продадени денес на отворањето на берзата TTF по цена од 31.080 евра за мегават-час.

Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта падна на 59.824 долари, а цената на нафтата Брент на 63.827 долари.

Цената на златото се искачи на 4.134,32 долари за унца, а цената на пченицата на 5,3662 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,15644 долари, што е за 0,07 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето, пренесува Танјуг.