Значење на професијата менаџмент со човечки ресурси во ера на трансформации

180

Во овие нестабилни времиња на глобалните политички, економски, општествени и брзи технолошки промени кои влијаат на животот на луѓето, она што се очекува од организациите и компаниите е да бидат во тек со константните трансформации и постојано да бидат во чекор со модерните трендови. Во напорите за радост и благосостојба на работната сила од 21-от век (од една страна) и континуираната побарувачка за повисок квалитет, продуктивност, ефективност и ефикасност (од друга страна) стручните лица за човечки ресурси играат клучна улога од три причини:

  1. Ги разбираат потребите на бизнисот и го говорат јазикот на лидерите и раководителите,
  2. Тие ја препознаваат побарувачката на потрошувачите за подобрени производи и услуги и
  3. Тие ги чувствуваат потребите на работната сила и знаат како одржливо да ги прилагодуваат тековните и идните работни места со цел да овозможат повисоки постигнувања.

Во процесот на трансформација, автентичното раководство и вистинските компетенции, однесувања и ставови, се одлучувачки за постигнување на повисоки нивоа на организација и поразвиена состојба на нашето современо општество.

Имајќи предвид дека промената е единствената константа во денешното работно опкружување, Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) одлучи овогодинешната традиционална HR конференција да ја насочи токму кон трансформативните промени. Воедно, во знак на Интернационалниот HR ден, МАЧР на 20 мај ќе ја одржи 11тата по ред меѓународна HR конференција и HR Експо на тема: HR како катализатор на трансформативни промени (HR – The catalyst of transformation). Со оваа тема, Македонската асоцијација за човечки ресурси предизвикува и поттикнува истакнати предавачи од секаде низ светот, на присутните на конференцијата да им дадат увид и да претстават разни добри практики кои може да се согледаат како поттикнувачки, но исто така и како пример за следен чекор и промени во компаниите и организациите.

Низ широка призма на диверзитет, МАЧР на овогодинешната конференција ќе соедини експерти од повеќе области на HR сферата, одвојувајќи теми коишто се апликабилни за приватниот и јавниот сектор.

Како претставник од  IT сферата, гостин-предавач на конференцијата е Пино Меркури, HR директор на Микрософт Италија. Пино ќе ја сподели приказната за трансформацијата на Мајкрософт – како компанијата се справила со предизвиците коишто ги носи промената, преку вложување во кадарот и градење поволна организациска култура. Покрај Пино Меркури, уште еден претставник од IT сферата е Данаил Канчев – менаџер за бизнис операции во Reciept Bank и член на управниот одбор на Бугарската асоцијација за менаџмент со човечки ресурси. Данаил ќе сподели корисни HR практики за менаџери и експерти во  IT секторот.

Претставници од Грција се Марта Мајлона и д-р Џорџ Павлидис. Марта е директор на Korn Ferry Advisory и поранешен претседател на Грчката асоцијација за менаџмент со човечки ресурси. Во својата презентација таа ќе зборува повеќе за HR лидерите и нивното справување со сопствените негативни само-разурнувачки карактеристики. Од друга страна, д-р Џорџ Павлидис, како директор за постдипломски студии за когнитивна невропсихологија на  Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ, Солун, ќе го посвети своето внимание на предизвиците коишто ги носи стареењето на работната сила.

Претставници од Словенија се Јана Репаншек, директор на Center of Excellence in Finance (CEF) и Аленка Брачек Лалич, продекан на истражувачки постдипломски студии на IEDC-Bled School of Management. Јана ќе го посвети своето внимание токму на јавниот сектор и неговата трансформација во едукативно-настроен систем. Од друга страна, Аленка ќе се фокусира на компетенциите на HR експертите коишто би им биле потребни при соочување со големи трансформации.

Од Универзитетот на Небраска и професор на Економскиот факултет во Љубљана,  претставник е Патриција Меглич, којашто ќе се фокусира на една од најактуелните теми поврзани со HR професијата – градењето и одржувањето на employer brand. Последната презентација ќе ја одржи Мирослав Дравечки, претставник на најголемиот словачки портал за вработување- Profesia. Мирослав ќе го посвети своето внимание на корисни совети до HR менаџерите- како да носат одлуки базирани на факти, наспроти на чувства.