Депонирањето на отпад на денешниот степен на развој на техниката и технологијата би требало да се врши во уредени депонии со голем степен на заштита на животната средина. Дури и при такви услови тие немаат неограничена приемна моќ (запремина). Затоа се тежнее кон намалување на создавање на отпад и негово повторно користење – рециклажа. Под поимот рециклирање се подразбира процес на преработка на продуктите што се наоѓаат во отпадот, при што тие служат како суровини за производство на нови продукти.
На сликата е претставен универзален симбол за рециклабилни производи.
Историјатот за симболот за рециклирање не води до пред крај на 1969 година и почеток на 1970 година, кога е видно зголемено вниманието за заштита на животната средина, што резултира со прво обележување на Денот на Планета Земја на 24 април. Како одговор на тој настан, иста година Container Corporation of America од Чикаго, голем производител на рециклирана хартија, иницираше и спонзорираше натпревар за уметност и дизајн со цел подигање на свеста за прашањата за заштита на животната средина. На натпреварот победи дваесет и три годишен студент на University of Southern California, Гари Андерсон од САД, чиј предлог денеска е познат како универзален симбол за рециклажа.
Во 1984 година, знакот е ставен во каталогот на стандардни знаци ISO 7000, а во 1997 Европската комисија предлага додавање на букви и бројчани ознаки, кои се користат и денес.
Симболот преставува Мобиусов јазол ( Möbius strip / Möbius loop), кој претставува три поврзани стрелки во облик на триаголник со заоблени рабови. Секоја стрелка повратно е превиткана и сите три се надоврзуваат меѓусебно, што условно го претставува циклусот на рециклажа.
Симболот за рециклирање се состои од три стрелки кои означуваат три важни фази за рециклирање:
– Собирање и сортирање на материјали (одвоено собирање)
– Преработка и изработка на нови производи
– Повторно користење на рециклирани производи
Овој симбол не е заштитен и се користи на различни начини и во различни вариjации. Со ваков симбол се означуваат производите кои можат да се рециклираат.
Значење и опис на симболите
Наведените симболи се наоѓаат на производи и амбалажи кои се изработени од рециклиран материјал/суровина. Најчесто тоа се хартиени и картонски производи. Често во средина на симболот се наоѓа знак за процентуален удел на рециклираниот материјал во производот.
Симболот амбалажа за рециклирање означува дека амбалажата, односно производот на кој е втиснат знакот е погоден за рециклирање.
Овој симбол претставува повик за акција – РЕЦИКЛИРАЈ (Recycle Now, Recycle Mark). Кружниот облик на симболот РЕЦИКЛИРАЈ претставува САМООДРЖИВОСТ на процесот за рециклирање, а симболот има две варијации:
Симбол РЕЦИКЛИРАЈ со стрелка: Со овој симбол се повикуваат корисниците да рециклираат во поголема мерка.
Симбол РЕЦИКЛИРАЈ со срце: Симболот е со исто значење, со тоа што срцето го нагласува ПОЗИТИВНИОТ ЕФЕКТ од рециклирањето врз околината.
Симболот повратна амбалажа означува дека со враќање на амбалажата се остварува можност за паричен надоместок пропишан со посебни правилници.
Симболот на зелена точка (Grüner Punkt, Green Dot). Симболот зелена точка датира од 1991 година и е решение на непрофитната организација Duales System Deutschland GmbH (DSD) од Германија, а од 1994 година е прифатен од ЕУ. Денеска повеќе од 130.000 компании го употребуват овој симбол на своите производи.
Со овој симбол производителот го известува корисникот дека е платена пропишана парична надокнада за управување со амбалажниот отпад.
Напомена: Симболот зелена точка не значи дека амбалажата е погодна за рециклажа.
Не ја загадувај околината/ Чувај ја природата
Оригиналниот назив на овој симбол е THE TIDYMAN, што во слободен превод значи лице кое се грижи за околината, односно лице што не ја загадува околината, со тоа што отпадот го одложува на за тоа предвидените места (канти, контејнери и сл.)
The Tidyman е оригинален логотип на британската еколошка компанија Keep Britain Tidy, инициран во 1955 година од страна на Институтот на жени на Британија, под покровителство на Владата на Велика Британија. Денеска е широко прифатен и користен симбол.
Симболот претставува потсетник за корисниците да ги одложуваат отпадоците на за тоа предвидени места. Да нагласиме дека симболот не е директно поврзан со процесот на рециклирање, но го поттикнува совесното однесување и заштита на животната средина. Симболот го прикажува човекот – лице кое совесно постапува со сопствените отпадоци и ги одложува во канта предвидена за прифаќање на отпад.
FSC знакот (Forest Stewardship Council) – во слободен превод Управување со шуми.
FSC е независна, невладина и непрофитна организација, воспоставена со цел за одговорно управување со светските шуми. Основана е во 1993 година во Бон.
Симбол FSC претставува врска помеѓу одговорно производство и потрошувачка, односно за општествено еколошка одговорна трговија на производи изработени од дрво. Тоа значи дека со купување на производи со ознаката FSC директно учествувате во одговорно постапување со шумските ресурси, со што придонесувате за зачувување на шумите.
Одвоено собирање на отпад
Знакот за одвоено собирање на отпад (електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори) е дефиниран со ЕУ директива (2006/66/ЕС), односно со Weee direktiva 2012/19/EU – Waste electrical and electronic equipment.
Симболот со прецртана канта за отпад на производот, батеријата или на амбалажниот материјал означува дека сите електрични и електонски производи, батерии и акумулатори, по поминатиот рок на траење мораат да се одложат на одвоено место.
Немојте да ги фрлате производите со наведениот симбол како неселектиран комунален отпад, туку одложете ги, на за тоа пропишани локации!
Ако под симболот е назначен и хемискиот симбол, тоа значи дека наведениот производ содржи тешки метали (жива, кадмиум или олово) во концентрација над прифатливата граница наведена во директивата.