
Цените на нафтата во петокот на меѓународните пазари пораснаа на 82 долари, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од знаците за закрепнување на економијата на еврозоната.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 70 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето во четвртокот и изнесуваше 81,8 долари. Речиси за истото порасна и на американскиот пазар, каде барелот се тргуваше по 78,11 долари. Утрово бројките се слични, Брент се тргув по цена од 81,66 долари за барел додека ВТИ, за 77,87 долари за барел.
Пазарите беа оптоварени оваа недела од шпекулациите дека американската централна банка, Федералните резерви (ФЕД), повторно ќе ги зголеми каматните стапки во мај, што би можело да ја намали економијата и побарувачката за нафта.
И централните банки на САД и на еврозоната се очекува да ги зголемат каматните стапки во првата недела од мај за да ја ограничат тврдоглаво високата инфлација.
Стравувањата од рецесија и послаба побарувачка за гориво во САД беа поттикнати во четвртокот од податоците кои покажаа благ пораст на барањата за невработени минатата недела.
Во петокот, расположението се подобри откако извештајот на S&P Global покажа дека економијата на еврозоната забрза во април, поддржана од услужниот сектор кој го компензира падот во индустријата.
„Се чини дека економијата моментално се опоравува од слабата зима, но слабата индустрија која го кочи закрепнувањето останува загриженост“, се вели во анализата на ING Economics.











