Зоолошката градина од денеска е отворена, а ова се новите протоколи за движење

52

Вратите на Зоолошката градина во Скопје од денеска се повторно отворени за посетителите. Граѓаните ќе може да ја посетуваат секој ден, од 9 до 16 часот, а притоа ќе мора да се придржуваат на новите протоколи за работа и движење низ Зоолошката.

Од таму информираат дека посетителите при влезот ќе треба да носат маска или марама, а ред ќе се чека на дистанца од 2 метра. Строго е забрането хранење и доближување до животните. Отпадоците мора да се фрлаат во корпите. Не смее да се употребуваат летниковците и детските игралишта. Низ Зоолошката градина посетителите ќе мора да држат дистанца од другите посетители.

Бројот на посетители во Зоолошката ќе биде ограничен за да не се создава метеж, односно, во текот на еден час во градината ќе може да има до 150 граѓани.

Поради пандемијата од коронавирусот скопската Зоолошка градина беше затворена 2,5 месеци. Тој период беше искористен за дезинфекција на живеалиштата, се реновираа делови од градината, а во соработка со Град Скопје се изградија живеалиштата за пингвини и за фламинга.

Фото: Град Скопје