Зоран Пухач: Длабоко погрешен и неевропски е предлогот за 500 метри растојание на спортските обложувалници од институциите

60

Во интервју за Е Магазин, Зоран Пухач, Генерален секретар на европската организација за законодавство на игрите на среќа, вели дека новиот предлог закон за игрите на среќа кој се најавува, а со кој се предвидува 500 метри оддалечување на објектите за игри на среќа како спортските обложувалници, е длабоко погрешен.

Пухач се повикува на бројни истражувања кои докажуваат дека нема никаков позитивен ефект доколку се дистанцираат обложувалниците, туку напротив тоа ќе предизвика низа негативни ефекти на повеќе нивоа во општеството.

“Од 2005 година од кога се истражува оваа можност до денес, никој не утврдил какво било влијание на позицијата на објектите за игри на среќа во однос на образовните или другите институции. Според долгогодишните искуства на развиените земји, вклучувајќи ја и ЕУ, единствената ефективна заштита на малолетниците е целосна забрана за пристап до објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и високи казни за прекршителите, а Северна Македонија веќе има такво решение во својот Закон и го спроведува ефикасно“, тврди Пухач.

Тој ги анализира сите искуства од европските земји и одлично ги познава законите, но и искуствата и вели дека ваквата пракса во минатото се покажала крајно неповолна и многу земји ја напуштиле. Нејасно е зошто Македонија се обидува да воведе нешто што докажано во Европската унија не функционирало и предизвикало бројни проблеми.

“Нема држава во Европската Унија што вовела крајно ограничувачки мерки, бидејќи одамна е утврдено дека регулативата дава многу подобри ефекти од каква било забрана. Постојат само неколку правни системи во светот кои прибегнаа кон забрани и затворање на пазарот на игрите на среќа, но тоа многу брзо предизвика бројни негативни ефекти. Имено, забраната за организирање игри на среќа веднаш создаде црн пазар, кој е целосно надвор од каква било контрола, не постои можност за забрана за учество во игрите на среќа на малолетници и нивното учество расте, позајмувањето пари за обложување е во пораст, како и прекршоци и кривични дела“, посочува Пухач.

Пухач, кој одлично ги познава законите во ЕУ и пошироко, тврди дека Македонија во моментов има одлична регулатива со високи даноци и казни за прекршување на законите и смета дека пазарот е добро регулиран. Според него, постои опасност за целосна дерегулација на пазарот со новиот закон и креирање на низа општествени проблеми.

“Многу ми е жал што никој од креаторите на предлогот за далечина не најде барем малку време да го провери искуството и практиката на земјите од Европската Унија. Во неколку наврати и во различни прилики, нагласив дека Северна Македонија веќе има добри законски решенија за заштита на малолетниците од можни негативни влијанија на игрите на среќа. Стандардот на ЕУ за заштита на малолетници е забрана за нивно учество во игри на среќа, високи казни за прекршителите и ограничувања на начинот и местото на рекламирање“, вели Пухач.