Самиот збор “ангел“ значи нешто големо, нешто возвишено, а изборот на зборови не е случаен. Бизнис ангелите се токму тоа, сторители на добри дела, помош кога е најмногу потребна, поддршка и мотивација.
А, зошто е добро да се биде бизнис ангел, во продолжение.
Моќ
Вие сте човекот на кој му се обраќаат луѓето за пари, совет, а во исто време може да им понудите и дел од вашето време, искуство, контакти.. Со тоа, бизнис ангелите се чувствуваат возвишено, моќно и добиваат желба истото да го сторат повеќе пати.
Финансии
Секако финансиската добивка е уште еден мотив да се стане бизнис ангел. Вие ги имате потребните средства, вложувате, а она што е добро е можноста да имате уште повеќе. Во меѓувреме, подготвени сте и за другото сценарио, па така ништо не би ве изненадило.
Поддршка на добри идеи
Бизнис ангелите имаат ретка можност да станат поддршка на нешто единствено, иновативно, нешто што ќе прерасне во успешен бизнис. Да бидат оние кои ќе се споменуваат уште многу долго како први поддржувачи на големата идеја.
Инспирација
Луѓето што ги поддржуваат стартапите се вистинска мотивација за секој кој сака да се оствари како претприемач. Тие ги инспирираат младите иноватори да бидат најдобри, да вложат многу и да постигнат повеќе од очекуваното. Бизнис ангелите ја имаат ретката можност да бидат ѕвезда водилка на едно сложено бизнис патување.
Нови гледишта
Можеби вие сте тие што ќе дадете помош и поддршка на стартапот, но тука е можноста да научите нешто ново, да ги погледнете работите од поинаков агол, да спознаете нови гледишта. Животот се состои од учење, дури и кога мислите дека сте ги научиле сите лекции.
Доживотно признание
Правењето на добри дела не се заборава. Со тоа што ќе бидете дел од една успешна приказна, добивате доживотно признание за стореното. Без разлика на кој начин сте помогнале вашето име ќе се спомнува уште долго време како амбасадор на добрата бизнис идеја.