Зошто “електричните Битлси“ се меѓу највлијателните групи на сите времиња?

38

Светот го обиколи веста за смртта на Флориан Шнајдер, коосновач на влијателната електро поп група Kraftwerk.

Овој германски квартет ги постави основите на електронската музика во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, оставајќи зад себе многу хитови што и денес се слушаат. Во светот на музиката важеа за исклучително влијателни и популарни, а некои дури и ги нарекуваа електрични Битлси, со цел да ја покажат нивната големина и вредност не само во европската, туку и светската музика.

Приказната на оваа германска група почнува во 70-тите години, кога Шнајдер и Ралф Хитер се запознале како студенти на Универзитетот за музика Роберт Шуман во Дизелдорф.

Во нивната богата дискографија вреди да се истакне албумот Autobahn, издаден 1974 година. Целата А страна на албумот (што на новите генерации не би им било јасно) се состои од насловни нумери, односно 22-минутна електронска композиција за возење низ германските автопатишта.

“Потекнуваме од доцните 60-ти години, од уметничката сцена во Дизелдорф и од секогаш бевме комбинација од ликовна уметност, музика, звук, поезија… Нашата музика од секогаш беше вистински перформанс“, изјави Хитер пред неколку години.

Шнајдер го напушти Kraftwerk во 2009-та година, а Хитер ја понесе групата на турнеја на којашто изведува ретроспектива на нивните албуми. Она по што беше препознатлива беше 3D технологијата што ја користел за визуелните ефекти што се синхронизирани со музиката.

Она по што овој бенд ќе остане запаметен е револуционерниот електронски звук, што инаку е доминантен белег на денешната модерна музика.

Фото: Facebook