Зошто има глобален недостаток на чипови?

302

Производителите на автомобили BMW и Stellantis предупредија дека глобалниот недостаток на полупроводнички чипови што оваа година ја погоди индустријата ќе продолжи и оваа година и ќе влијае на производството и продажбата.

Зошто има недостаток на чипови?

Производителите на автомобили, кои беа принудени да ги затворат фабриките минатата година поради пандемијата со Ковид 19, се соочуваат со силна конкуренција од распространетата електронска индустрија за испорака на чипови, погодени од серија прекини во синџирот на снабдување за време на пандемијата.

Главниот финансиски директор на компанијата Stellantis, Ричард Палмер, рече дека четвртиот по големина производител на автомобили во светот не очекува подобрување на понудата на чипови пред четвртиот квартал, со вкупна проектирана загуба на производство од околу 1,4 милиони возила во 2021 година..

BMW, кој досега беше релативно помалку погоден од недостигот на чипови отколку некои од неговите конкуренти благодарение на силните односи со добавувачите, исто така предупреди дека втората половина ќе биде попредизвикувачка за германскиот производител на луксузни автомобили.

“Колку подолго траат тесните грла во снабдувањето, најверојатно ситуацијата ќе биде понапната“, рече финансискиот директор на BMW, Николас Петер.

Очекуваме дека ограничувањата на производството ќе продолжат и во втората половина од годината, а со тоа и соодветно влијание врз обемот на продажба, посочи тој.

Може да трае до 2022 година

Други производители на автомобили како Теsla и Ford признаа дека во догледна иднина ќе има недостаток на чипови, пренесува Ројтерс.

“Додека произведуваме автомобили со полна пареа, ситуацијата со недостиг на чипови на глобално ниво станува многу сериозна“, рече извршниот директор на Тesla, Илон Маск.

Германскиот производител на чипови Infineon Technologies, исто така, предупреди на “мрачна слика“, велејќи дека се бори со екстремни тензии на своите пазари, бидејќи пандемијата го наруши производството во Азија, а залихите паднаа на најниско ниво. Многумина очекуваат дека таквата ситуација ќе трае до 2022 година.

Најголем недостаток на чипови во последните три децении

Институтот за економски истражувања IFO неделава соопшти дека германската автомобилска индустрија и нејзините добавувачи се соочиле со најголемиот недостиг во снабдувањето со чипови во последните 30 години.

“Тоа доведува до прекин на производството. Недостигот на полупроводници ќе трае уште некое време “, рече Оливер Фалк, истражувач во институтот.

Француската група за лобирање CCFA-PFA пред неколку дена предупреди дека глобалниот недостиг на чипови и новиот пораст на заболени од коронавирус ги намалуваат изгледите за силно закрепнување на францускиот пазар на автомобили.