Зошто Италија стана непријател на технолошките гиганти?

99
Италијанскиот антимонополски регулатор изрече огромна казна од 1,13 милијарди евра на Amazon минатиот месец, што е уште еден „волеј“ во серијата потези против технолошките гиганти во земјата.

Надзорното тело ја засили својата активност во последната година со одлуки против Amazon, Google и Facebook.

Последната казна за Amazon беше за охрабрување на италијанските продавачи да ја користат неговата логистичка услуга, за која супервизорот рече дека е злоупотреба на доминацијата на пазарот. Ова е обвинение кое Amazon го негира.

Рено Фукарте, виш предавач по економија на британскиот универзитет Ланкастер, изјави за CNBC дека значајните финансиски санкции во овој поглед се дел од поширокиот тренд на националните регулатори да дејствуваат против големите технолошки компании, бидејќи истрагите на ниво на ЕУ одземаат премногу време.

„Националните регулатори сакаат да покажат дека се активни и дека всушност прават нешто“, рече тој.

Конкретно, италијанскиот антимонополски орган навистина покажа исклучително висока активност во последната година. Во 2021 година, тој наметна неколку казни за големите американски технолошки компании. Amazon и Apple се санкционирани поради наводна антипазарна соработка.

Google беше казнет со 102 милиони евра за злоупотреба на доминантната позиција во својот софтверски производ за автомобили, а во февруари Facebook доби казна од 7 милиони евра за злоупотреба на лични податоци.

Сепак, Антимонополската комисија нема да избегне жалба на своите одлуки. Amazon одговори на наредбата и планира да ја оспори казната од 1,28 милијарди долари.

„Предложените парични казни и правни лекови се неоправдани и непропорционални“, велат од компанијата.

Според Марија Луиз Стази, виш правен службеник во невладината организација за дигитални права Article 19, не е изненадувачки што некои национални супервизори, како оние во Италија, Франција и Германија, презедоа иницијатива да заземат силен став против Big Tech.

Ова се случува на пазарите со поголема популација, кои имаат поразвиена дигитална публика и потрошувачи.

Но, според Стази, регулаторите ќе имаат проблеми со буџетот и капацитетот, најмногу поради растечкото дигитално оптоварување. Испитувањето на доказите и податоците, особено во случајот со огромниот и глобален бизнис на големите технолошки компании, бара сериозни напори и ресурси.

Таа, исто така, рече дека е соодветно регулаторите да преземат привремени мерки против компаниите, како што е наредба за суспензија или ограничување на одредена активност за време на истрагата, наместо да чекаат да се затвори, што може да потрае со години.

Некои антимонополски власти формираа специјализирани единици за справување со прекршувањата во технолошкиот сектор. Управата за конкуренција и пазари на Обединетото Кралство, која исто така неодамна ја засили својата акција против големите дигитални играчи, формираше посебна техничка единица минатата година.

Со активирањето на националните регулатори, динамиката на регулирање на конкуренцијата во Европа, исто така, претрпува значителни промени, велат експертите.

Законот за дигитални пазари е широк опсег на нови регулативи на ЕУ кои сè уште се во развој, но се ближат до „финалната права“. Тие ќе ги заострат правилата за големите технолошки компании кои доминираат на пазарот за да спречат злоупотреба. Ќе се воведат и построги контроли за спојувања и преземања.

Според Марија Луиза Стази, прашањето за капацитетите и ресурсите важи и на европско ниво.

„Речиси се ќе биде на масата на Европската комисија. Но, дали таа ќе може да се справи со сето ова?“, изјави експертката.

Во меѓувреме, се преземаат активности и од други национални регулатори во областа на конкуренцијата и заштитата на личните податоци.

Во првата недела од јануари, францускиот орган за следење податоци CNIL ги казни Google и Facebook со 150 милиони и 60 милиони евра, соодветно, за употреба на таканаречени „колачиња“, додека германската федерална канцеларија за картел го истражува Google.