Зошто кашмирот е толку скап?

447

Кашмирот е природен материјал што векови наназад е многу ценет, па за неговиот квалитет доказ е високата цена. Воопшто не треба изненадува фактот што еден џемпер од кашмир на пазарот може да се најде по цена и од над 1.000 долари.

Кашмирот не се добива од овча волна, туку од посебен вид на кози кои може да се најдат само на Хималаите, каде што температурите може да се спуштат и до минус 30 степени. За да можат да се заштитат од екстремно ниските температури, овие кози имаат два слоја влакна – едниот заштитен слој од дебели влакна, додека другиот е супер мека обвивка од кашмир.

Влакната на оваа коза се 10 пати потенки од влакната на луѓето, а држат осум пати потопло од овча волна. За нивно одгледување се задолжени Чангпа номадите кои со векови наназад се грижат за овие животни. Но, сега нивниот номадски древен начин на живот е под закана поради климатските промени, увозот на лажни влакна од Кина, како и потребата на помладите генерации за образование и полесен начин на живот. Порано имало повеќе од 90 номадски семејства, а денес нивната бројка е едвај 16.

Според Business Insider, ако од една овца може да се произведат најмалку три килограми волна секоја години, оваа специфична коза дава само околу 200 грама кашмир.

Поради малата количина што ја даваат козите, собирањето на кашмир е строго ограничено, а се случува само еднаш во годината. Влакната се сортираат рачно, па првично собраната количина може да биде далеку пониска. Номадите внимателно ги чешлаат козите во текот на пролетната сезона, за да го соберат долниот слој по што внимателно ги одвојуваат влакната.

Целиот процес на обработка на влакната од кашмир оди рачно, а неопходни се неколку месеци до една година високо обучени лица да исткаат кашмир чија цена се движи од 200 до 2.000 долари.

Поради намалениот број на овој редок вид на хималајски кози, а зголемената побарувачка за овој природен материјал, научници од Универзитетот во Кашмир одлучиле да ја клонираат оваа коза. Проектот, што делумно го финансира Светска банка, а најмногу индиската влада, се покажал како успешен, па во 2012-та година е родена женката Нори. Научниците планирале да разменат знаење со локалното население за да помогнат во зголемување на бројот на овие кози, но наишле на отпор поради нивните религиозни уверувања.

Фото: Pexels