Зошто Централните банки не ги сакаат криптовалутите – “Тоа не се пари“

45

Криптовалутите не се однесуваат како валута. Дали овие дигитални пари имаат некакви шанси да добијат монетарна моќ низ целиот свет?

Бидејќи вредноста на криптовалутите паѓа и предизвикува голема штета на многу инвеститори, ова засега изгледа малку веројатно – барем не додека криптовалутите не почнат да се однесуваат повеќе како традиционални валути, порачаа централните банкари и регулаторите на панел-дискусијата на Светскиот економски форум во Давос, пренесува CNN.

„Биткоинот може да се нарече монета, но тоа не се пари. Тоа не е стабилно складиште на вредност“, изјави Кристалина Георгиева, извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Георгиева рече дека некои криптовалути се послични на пирамидалната шема за дигиталната ера, бидејќи не се поддржани од реални средства. Но, таа рече дека дигиталните валути на централата банка (Central Bank Digital Currency (CBDC) поддржани од владата всушност би можеле да бидат стабилни.

Франсоа Вилерој де Галхау, гувернерот на Централната банка на Франција, се согласи.

„Криптовалутите не се сигурно средство за плаќање. Некој мора да биде одговорен за вредноста и мора да биде универзално прифатен како средство за размена“, рече Вилерој, истакнувајќи дека некои „граѓани ја изгубиле довербата во криптовалутите“ поради високата нестабилност.

Тој додаде дека владите кои сакаат да усвојат дигитални валути мора да го сторат тоа во партнерство со големите комерцијални банки.