Ѕвезда плус за угостителите, канцеларија за планински туризам, достапни археолошки локалитети

235

Археолошки локалитети ќе станат достапни за посета на домашни и на странски туристи, ќе се обноват постоечките и ќе се изградат нови планинарски домови, ќе се стимулира здравствен и пензионерски туризам, ќе се воведе систем за субвенционирање на алтернативен и културен туризам, ќе стартува проектот Ѕвезда плус, ветува Владата во Програмата за новиот четиригодишен мандат во делот за развој на туризмот.

Се најавува и користење на бесплатен државен Wi-Fi со кликнување на линк што ќе води до промотивна страна на општина, на реон, на влез во држава, на стојалишта и бензински пумпи.

Во функција на искористување на растечката побарувачка за профилиран планински туризам, се предвидува формирање на посебна канцеларија за планински туризам и планински содржини, задолжена за дефинирање и управување со очекуваните домашни, јавни и приватни, и странски инвестиции, апликација на систем на промени во овој сегмент и позиционирање на државата на регионалниот и европски интегрален планински туризам.

Развојот на Шар Планина, на Маврово, на Матка, на Пелистер и на Галичица ќе биде поставен како фокус на оваа канцеларија. Дополнително, ќе ги започнат подготовки за развој на туризам на Царев Врв на Осоговските планини, како централна точка за зимски и планински туризам. За Попова Шапка, Владата ќе ги разгледа различните модели за нејзин развој како регионален туристички центар со можност за приватни инвестиции или јавноприватно партнерство кое би овозможило и изградба на жичарница од Тетово до Попова Шапка, се вели во Програмата на Владата.

Воедно, Владата планира да започне реконструкција на постоечките планинарски домови и изградба на нови со дефинирање модел за управување и инвестирање во нив и трасирање и промовирање официјални планинарски патеки.

Владата ќе поддржи изработка на iOS i Android апликација за туризам во Македонија, поделена по сектори (лето, зима, планинарење, велосипедизам, кампинг, археолошки наоѓалишта, вински тури, итн.), по примерот на информацискиот систем за просторно планирање. Ќе стимулира воведување иновативни модели во конципирање здравствен и пензионерски туризам за домашните и странските пензионери, по примерот на успешните практики на развиените туристички дестинации.

Планирана е поддршка и на маркетинг кампањи за промоција на државата како место за уживање и препознатлив и растечки туристички бренд и ќе стимулира економски субјекти кои финансираат/спонзорираат домашно продуцирани видеоматеријали за промоција на државата.

Владата ќе го стартува проектот Ѕвезда плус за државни субвенции во висина од 50 % од инвестицијата за регистриран угостителски капацитет што има намера да добие еден степен повисока категоризација на неговиот објект, во сите клучни туристички места, се вели во Програмата на Владата за период 2020-2024.