
Мерката со која ДДВ за дизел-горивото беше намалено од 18 на 10 проценти истекува денеска. Намалената даночна стапка почна да се применува на 15 септември, како мерка за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните. Владата треба да одлучи дали повластеното ДДВ за дизелот ќе продолжи да важи и во наредните две недели.
Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ги утврди максималните цени на горивата што ќе важат во следните седум дена.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, минатата недела рече дека ако ескалира ситуацијата со цената на горивата, Владата ќе ги преземе сите мерки за да го ублажи ризикот кон граѓаните, додавајќи дека ситуацијата внимателно се следи.
Според последната одлука на РКЕ од минатата недела, дизелот се искачи на ниво од 104,5 денари по литар. Истовремено, Еуросупер БС-95 се продава по 99 денари, а Еуросупер БС-98 ја проби границата од 100 денари и сега изнесува 101 денар.











