
Владата на Малта им дава на возачите значителна сума пари ако привремено престанат да возат. Возачите кои ќе се откажат од возачката дозвола на пет години можат да добијат вкупно 25.000 евра. „Малта тајмс“ пишува дека новата регулатива стапи на сила на 6 јануари и треба да помогне во намалувањето на растечкиот број автомобили на патиштата. Предлогот е дел од поширок пакет мерки за намалување на сообраќајните метежи. Министерот за транспорт Крис Бонет одбива да каже колку возачи досега ја користеле програмата, но вели дека наскоро ќе ги објави бројките.
Малта е една од најгусто населените земји во Европа и и покрај населението од малку повеќе од половина милион жители, регистрирани се повеќе од 400.000 автомобили. Тоа е приближно 20 проценти повеќе отколку пред десет години. Сообраќајните метежи се наводно неподносливи.
Предложената програма се однесува само на жители на возраст до 30 години, со сопствен личен автомобил и најмалку седум години искуство во возењето во Малта. Тој ќе добива 5.000 евра годишно во текот на пет години во замена за привремено откажување од возачката дозвола. Акцијата се однесува само на возачи на приватни автомобили.
По пет години, кандидатите можат да аплицираат за нова возачка дозвола, под услов да имаат поминато 15 часа возење во акредитирана автошкола. Кандидатите кои сакаат да ја укинат суспензијата на возачката дозвола пред истекот на петгодишниот период, прво мора да го вратат износот на платените субвенции. Вкупно 25 милиони евра се обезбедени за системот за компензација. Во последните години, владата инвестираше многу во патишта, а јавниот автобуски превоз е бесплатен. Сепак, бројот на автомобили продолжи да расте, пренесува Ревија ХАК.











