10 години oд постоењето на Европската Бизнис Асоцијација

16

Европската бизнис асоцијација (ЕБА) на 13 ноември во Александар Палас Скопје, по повод јубилејот 10 години од своето постоење, ќе организира економски форум на која ќе учествуваат највисоки владини претставници, извршни директори од најголемите македонски компании, како и  претставници од ЕУ институции и менаџери од повеќе интернационални компании.

Еминентни бизнисмени и политичари ќе земат учество на три панел дискусии: макроекономскиот развој на Македонија, искуствата на странските инвеститори во земјава и трет панел кој ќе биде на тема развој на македонските брендови и нивната конкурентност.

Целта на овој 10-ти јубилеен форум е да се дадат генерални оцени за условите во кои работат македонските компании, како и сугестии за подобрувања на истите, со цел да се подобри нивната конкурентност и развој на целокупната економија.

“Тенденција на ЕБА е да го стимулира дијалогот преку обезбедување на простор за отворени дискусии за сите релевантни прашања од интерес на Асоцијацијата и нејзините членки. Преку ваквите дијалози и отворени дискусии се потенцираат и пренесуваат искуствата од матичните компании, се споделуваат праксите од различните земји на потекло на членките и се истакнуваат компаративните предности на македонската економија”, смета председателот на ЕБА, г. Глигор Бишев.

Европската бизнис асоцијација е независна, неполитичка и непрофитна организација, која реализира активности пред се насочени кон општо добро на целокупната бизнис заедница во Македонија, за генерално подобрување на состојбите во економија. Со своите активности, ЕБА промовира европски вредности, работи на унапредување на предностите на македонската економија и претставува мост за зајакнување на односите со ЕУ.

Основана пред 10 години, основа цел е идентификација на потребите на македонските компании и правовремена реакција на овие потреби, за што и има воспоставено партнерски однос со Делегацијата на Европската Унија, со Владата на РМ, Стопанските комори и со голем број на други институции и организации од земјава и странство.