10 милиони евра поддршка за мали и средни претпријатија во Македонија

23

procredit-580x325

Европскиот Инвестициски Фонд (ЕИФ) и три банки од групацијата ПроКредит потпишаа договори за гаранција за поддршка на мали и средни претпријатија (МСП) во Македонија, Србија и Косово. Ова беше овозможено преку Фондот за гаранции за Западен Балкан, финансирано од Европската Унија во рамки на Фондот за развој на претпријатија и иновации на Западен Балкан.

Целта на Договорите со Фондот за гаранции за Западен Балкан е да се олесни пристапот до финансирање за МСП во Македонија, Србија и Косово, со тоа што ќе им се овозможи кредитна покриеност на вкупно 70 милиони евра од кредитните портфолија на трите држави, во текот на следните две години. ПроКредит Банка Македонија ќе пласира 10 милиони евра во договорениот период.

Директорот на ЕИФ за Гаранции, Секјуритизација и Микро-финансирање, Алесандро Тапи, изјави: „Наше задоволство е потпишувањето на овие три договори за гаранција во рамки на втората фаза од Фондот за гаранции за Западен Балкан за МСП во Македонија, Србија и Косово со ПроКредит Банка, кој е долгогодишен партнер на ЕИФ во регионот. Преку локалните банки на ПроКредит, оваа гаранција ќе го зголеми пристапот до финансии за МСП, со што може да се отворат нови работни места и да се овозможи раст на економиите на трите земји“.

Борислав Костадинов, член на Управниот одбор на ПроКредит Холдинг, изјави: „Ние од ПроКредит Групација сме многу горди на потпишувањето на овие договори за гаранција во трите земји. Како водечката „матична банка” за МСП во овој регион, ние секогаш се стремиме кон понуда на подобри решенија за малите и средните претпријатија во земјите каде што работиме“.

Емилија Спировска, член на Управниот Одбор на ПроКредит Македонија, нагласи дека ПроКредит Банка продолжува да дава свој придонес кон економската интеграција и балансираниот економски развој на земјата, со обезбедување иницијативи и понуди што ќе бидат соодветни на тековните трендови и потреби на бизнисите.

„Овој договор ќе им овозможи на бизнисите во Македонија да се фокусираат на инвестиции и долгорочни планови, што е многу значајно, затоа што таквите вложувања придонесуваат кон развојот и создавањето работни места во Македонија, а така се создава вистински напредок“, изјави Емилија Спировска.