14-ти февруари – Ден на вљубените или маркетинг трик

43

Светот на 14-ти февруари го слави Валентајн или познат како празник на вљубените. Но, овој празник се одомаќини и меѓу оние кои традиционално не го слават, па на тој датум излозите на продавниците се обоени во црвено, а продавниците преплавени со предмети што ја слават љубовта.

Валентајн е меѓу петте најголеми и најпопуларни празници во САД на којшто Американците немилосрдно трошат пари. Иако годинава светот е зафатен од пандемија, тоа нема да одврати милиони луѓе да им купат некаков подарок на оние кои најмногу ги сакаат.

За оваа година, околу една половина од возрасните Американци планираат да го прослават Valentine’s Day и да потрошат 21,8 милијарди долари, што е помалку од 27,4 милијарди долари, колку што беа потрошени во 2020 година. Анализите покажуваат дека еден просечен Американец планира да потроши 164,76 долари за Валентајн, што е помалку од 196,31 долар во 2020 година, но е повеќе од 161,96 долари колку што беа потрошени во 2019 година. Податоците, исто така, покажуваат дека мажите планираат да потрошат двојно повеќе од жените, односно 231 наспроти 101 долари.

Меѓу подароците што се најактуелни се слатки, честитки, цвеќиња, облека, накит… Романтичните вечери во ресторани оваа година се очекува да се преселат во домашни услови поради пандемијата.

И кај нас може да се забележат украсени излози на цвеќарници, бутици, продавници, но и најразлични понуди во онлајн продавниците.

“Очекуваме поголем интерес годинава, бидејќи иако ова не е наш празник, во ова време – невреме, луѓето да се сетат на своите сакани, да им подарат малку внимание и многу љубов. Заради пандемијата, повеќе ги користиме социјалните медиуми за да ги промовираме нашите производи, а на купувачите им нудиме бесплатна достава до посакуваната адреса. Така можат и да заштедат, но и да им приредат изненадување на своите сакани“, вели Јована Т., сопственичка на цвеќарница во Скопје.

Фото: Freepik