Конкурс за ученици од основи и средни училишта по повод Светскиот ден на штедењето и Денот на осигурувањето

212

Народната банка, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување го објавија конкурсот за ученици од основното и средното образование, којшто веќе неколку години наназад е заедничка активност по повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври и Денот на осигурувањето – први ноември.

Трите институции коишто заеднички учествуваат и во Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, со овој конкурс имаат за цел да ja поттикнат креативноста, имагинацијата, како и критичкото размислување на учениците при создавањето творби за штедењето и осигурувањето. На овој начин се придонесува за натамошно уште поголемо интересирање и едуцирање на младата популација за овие два клучни сегмента во финансиската сфера.

Во конкурсот се одредени две теми на кои учениците од основите училишта можат да се јават со испраќање литературна творба – песна и/или ликовна творба – цртеж, вклучително и цртеж изработен на дигитален уред: Штедам, сонувам и желбите ги остварувам и Осигурувањето и јас. По завршување на конкурсот ќе бидат избрани по три најдобри литературни и ликовни творби на двете теми. На учениците автори на избраните творби ќе им бидат доделени парични награди.

Годинава, на конкурсот, учениците од средните училишта можат да испратат литературна творба – есеј, и тоа на тема: Парите и штедењето – некогаш и сега. Според насоките дадени во конкурсот, есејот треба да содржи личен поглед кон улогата на парите и штедењето низ времето, со осврт на некои од следниве прашања: улогата на парите и штедењето во економијата, значењето на штедењето за иднината, ставот на младите кон штедењето, семејните навики и штедењето, класичните наспроти современите форми на штедење, класичните наспроти новите начини на плаќање, познавањата на младите за штедењето во финансиските институции, ставот на младите во однос на потребите за финансиска едукација и други аспекти.

Учениците од средното образование можат да конкурираат и со литературна творба – расказ на тема: Животот е полн со изненадувања, осигурувањето е мојата финансиска безбедност и заштита. На учениците автори на трите најдобри есеи и раскази ќе им бидат доделени парични награди.

Условите за учество се наведени во конкурсот којшто е објавен на интернет-страниците на Народната банка, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

Крајниот рок за доставување на творби е 21-ви октомври 2019 година.

Tворбите ќе ги разгледуваат и ќе ги оценуваат комисии формирани од претставници на трите институции коишто го распишаа конкурсот. Списокот на наградените ученици, датумот и локацијата на доделувањето на наградите ќе бидат објавени најдоцна до 31 октомври 2019 година, на веб-страниците на Народната банка, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

Народната банка, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување се надеваат дека и оваа година, конкурсот ќе предизвика голем интерес меѓу учениците од основните и средните училишта во нашата земја и дека дополнително ќе го стимулира стекнувањето и развивањето на навиките за штедење, а воедно ќе придонесе и за подобра упатеност во можностите коишто ги дава осигурувањето.