200 најуспешни компании во Македонија

809

Кризата удира и по најголемите и најуспешните компании во земјава и тие на разни начини се борат да ја пребродат оваа тешка година, но тие продолжуваат да бидат локомотива на економскиот развој. Овој впечаток не можеше да се одмине на вчерашното прогласување на најголемите и најуспешни компании во земјава, што го организираше Капитал Медиа Груп по повод издавањето на едицијата „Капитал 200 најголеми и најуспешни“.

ОКТА, Македонски Телеком, Макпетрол, Лукоил, Витаминка, Гранит, Бетон, Арчелор Митал, Макстил, Алкалоид, ЕЛЕМ, ЕВН, МЕПСО, Фени Индустри, Орка Холдинг, Империјал Тобако, се меѓу рангираните на листата 200 најголеми и најуспешни компании во земјава.

ОКТА со години е најголема компанија во Македонија, на втората позиција, како лани, е нафтениот дистрибутер Макпетрол, а треторангиран е производителот на катализатори Џонсон Мети. ЕВН е на четвртото место, а веднаш по него е ЕЛЕМ. На листата 200 најголеми има и 24 прехранбени компании. Пекабеско е водечка. Најголема трговска фирма се уште е Тинекс, а најголема фармацевтска компанија е Алкалоид.

Во 2011 најуспешни биле фиксниот оператор Македонски телеком, консултантската компанија Камени Мост Телекомуникации, мобилниот оператор Т-Мобиле Македонија и рудникот Саса.

Најголемите 200 компании прават половина од целата македонска економија. Во 2011 година оствариле вкупно 7,7 милијарди евра приход и 470 милиони евра профит што е пет отсто помалку во споредба со 2010 година. Дури 151 од нив забележале раст на приходите. Дваесет компании имале 100 отсто поголем раст на приходите, а шест од нив 1.000 проценти поголем раст на приходите. Најуспешните, пак, оствариле 730 милиони евра профит и 4,4 милијари евра вкупен приход од продажба.

Оваа година е многу тешка за сите, вклучувајќи ја и фармацевтската индустрија. Ликвидноста на речиси сите пазари е проблематична.

Алкалоид во првите два квартала реализира три отсто раст на продажбите, но исто толку паднал и профитот.

„Сепак, кога ќе се земат предвид сите околности во кои работиме, резултатите се задоволувачки. Успеавме да постигнеме минимален раст. Годинава очекувам да ја завршиме нешто подобро од лани. Фокусирани сме на работа со посолидните клиенти, иако во помал број“, истакна Живко Мукаетов, прв човек на Алкалоид.

Првиот човек на Макстил Минчо Јорданов вчера изјави дека неговата компанија е задоволна од најновите мерки што Владата ги предложи за спас на металургијата од кризата.

„Задоволни сме од мерките, тие доаѓаат во тежок период, и тие ќе и помогнат на металургијата на долгорочен план, и за модернизација и за да се зголеми конкуренцијата. Проблемот со кризата е најостар во црната, се соочуваме со запирање на инвестициите, а искорисатеноста на капацитетите од 70% падна на 50%, што е загрижувачки. Затоа мерките се драгоцени за да се вратиме на старите позиции“, изјави Јорданов, кој до крајот на годинава не очекува вложување на состојбите, туку барем работите да останат вакви. Прашан дали ќе има отпуштања на вработени во компанијата, Јорданов вели дека во изминативе две години работеле со скромно намалување на работните места, но и дека ако во наредниот период има мало подобрување, тие веднаш ќе го зголемат бројот на вработените.

Според Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес Виница, до крајот на годината се очекува поскапување на прехранбените производи. Во услови на криза може да се опстане, смета Цветанов, но со многу посветеност на вработените и менаџментот, со модернизација на производството, воведување нова технологија и нови линии.

„Очекуваме раст на цените зашто, поради сушата, на светските берзи нема доволно пченка, а тоа повлекува поскапување на пченицата. Последниов месец поскапеа брашното и производите од пченка“, истакна Цветанов.

Стпанската комора вчера излезе со неколку мерки за помош и поддршка на најдобрите компании, како што се донесување закон за поттикнување инвестиции со кои ќе се разреши дилемата околу рамноправниот третман на домашните и странските вложувачи, изградба на нов модел за поврат на данокот на додадена вредност и покренување селективна регулаторна гилотина за надворешно-трговското работење во делот на извозното законодавство и легисативата за девизното работење.

„Брзата гасификација, модернизацијата на железницата кон Солунското пристаниште и осовременувањето на автопатската мрежа во земјава ќе бидат темел на нашите активности во наредниот период. Тоа, се надеваме, ќе овозможи сегашната бројка на 200 најуспешни компании, во наредните пет години да достигне 500“, најави претседателот на Комората, Бранко Азески. Според него, домашните големи, успешни фирми со своето функционирање практично не дозволуваат продлабочување на актуелните диспропорции, во делот на производството и потрошувачката, увозот и извозот и активно вработеното население наспроти издржуваното. Тие создаваат 47% од вкупните приходи во земјата, вработуваат најголем дел од населението и се локомотива на економксиот развој. Затоа, рече Азески, државата и коморите мора и се должни да ги поддржуваат.

И вицепремиерот Владимир Пешевски смета дека во претстојниот период бројот на успешни компании во земјава ќе се зголеми.

„Она што Владата во однос на економските политики досега го правеше, ќе продолжи да го спроведува, а особено тоа се однесува на директната комуникација со фирмите. Покажавме дека досега, во споредба со претходните влади, имаме најголем слух за бизнисот“, истакна Пешевски. Македонија, напомена вицепремиерот, мора да се потпре на домашните инвеститори. Привлекувањето странски инвестиции, пак, е нужно не само од аспект на носење свеж капитал, туку и поради трансферот на нови знаења и вештини што ќе им овозможи на домашни фирми да се развијат многу повеќе.

„Оваа и наредната година не очекува тежок период. Должничката криза во Европа зема се поголем замав. Не можеме да ги одбегнеме сите ефекти, но она што може, Владата ќе го стори, пред се во консултации со деловната заедница“, подвлече Пешевски.