50 милиони евра за Македонија од ИПА фондовите

44

Во изградба на железничка и патна инфраструктура ќе бидат вложени вкупно 50,3 милиони евра од третата компонента на ИПА-фондовите за периодот 2012 – 2013 година. Како што соопшти министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, средствата и се веќе и официјално на располагање на Македонија, а треба да се потрошат најдоцна до 2017 година.

“На веб-страницата за тендери на Европската унија денеска е распишана објава за подготовка на основен проект и тендерска документација за изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија како дел од Коридорот 8. Со тоа практично почнува постапката за избор на консултант”, рече Јанакиески.

Договорот се очекува да биде склучен во втората половина на 2013 година со времетраење од 24 месеци и буџет во износ од осум милиони евра.

Во делот железници приоритет ќе има и изработката на главен проект и тендерска документација за изградба на делницата Крива Паланка – граница со Република Бугарија, исто така како дел од Коридорот 8. Предвидени се и проекти за изготвување проектна документација за железничките делници Скопје – Кичево и Велес – Битола, како и основен проект за делницата Драчево – Велес.

Во делот патишта е предвидена рехабилитација на патните делници по должините на Коридорот 10 и 10д, како и Акциски план за подобрување на безбедноста на патиштата по должина на Коридорите 8 и 10. И делниците Миладиновци – Скопје, Куманово – Миладиновци, Меџитлија – Крклино, Крклино – Прилеп и Градско – Неготино ќе бидат опфатени со Оперативната програма.