Министерството за транспорт соопшти дека преку продажба на градежно државно земјиште во изминатите пет години се овозможени инвестици во износ од 1.037.523.120 евра. Инкасираните пари по основ на уплата за купување на земјиштето заклучно со 2011 година изнесуваат 3.533.545.597 денари или околу 57 милиони евра. Анализата на активностите за управување со градежното земјиште покажала оти Министерството за транспорт реализирало голем број постапки за отуѓување неизградено градежно земјиште сопственост на Македонија од што се овозможени инвестиции во износ од 1.037.523.120 евра, информира денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
– Дел од тие инвестиции се веќе реализирани, односно изградени и нивната вредност е во износ од 91.250.000 евра, дел се во фаза на изградба со вкупна вредност од 539.929.000 евра, а дел е предвидено да бидат реализирани во следниот период и за тие вредноста е проценета на 406.344.120 евра, рече Јанакиески.