Шест богаташи кои имаат приватни острови

81

koperfildЗа некого голем трошок е купување нов телевизор, луксузен автомобил или пак простран стан во центарот на светска престолнина. За други, пак, супер шопинг е купување на личен остров.

Порталот Investopedia.com претставува шестмина богаташи кои имаат (или имале додека биле живи) сопствени острови, сокриени некаде во океаните.

Аристотел Оназис

Починатиот Аристотел Оназис, сопруг на вдовицата на американскиот претседател Џон Кенеди, Џеки, е еден од најбогатите луѓе на 20. век. Додека беше жив, овој грчки милијардер уживаше во многу задоволства. Едно од нив е островот Скорпиос во Јонското море.

Оназис е еден од првите сопственици на приватен остров. Скорпиос е местото на кое се одржа и свадбата на Џеки и Аристотел. Во моментов е во сопственост на внука на бизнисменот, Атина, која е и единствениот негов жив наследник. Веќе преку 10 години циркулираат гласини дека островот е даден на продажба, но досега нема потврдена информација за тоа. Брокерите ја проценуваат неговата вредност на преку 100 милиони долари.

1

Лари Елисон

Богатството на основачот и извршниот директор на ИТ гигантот Oracle, Лари Елисон, се проценува на 36 милијарди долари. За него е познато дека е незаситен авантурист. Не само што е лиценциран пилот, туку во 2010 година го освои America’s Cup, престижна трка со јахти. Во 2012 година, овој бизнисмен од Дејвид Мурдок (Dole Foods) го купи островот Ланаи, хавајскиот шести најголем остров. На островот кој се протега на 35.612 хектари, се наоѓаат два Four Season хотели, два голф терени и коњушница. И покрај тоа што не е познато колку платил за островот, неговата вредност е проценета меѓу 500 и 600 милиони долари.

2

Ричард Брансон

Во 1978 година основачот на конгломератот компании Virgin, Ричард Брансон, го купи британскиот остров Некер за само неколку стотици илјади долари. Брансон можеби островот го нарекува дом, но Некер не е толку приватен како што изгледа. Островот е мал приватен ресорт, каде ноќевање чини 50.000 долари. Островот беше во центарот на јавноста кога удар на гром предизвика пожар, при што домот на Брансон беше сериозно уништен. За време на пожарот, актерката Кејт Винслет била сместена таму и ја спасила мајката на Ричард од огнот.

3

Дејвид Коперфилд

Светски познатиот илузионист Дејвид Коперфилд е сопственик на островот Муша Кај, дел од ланецот Ексума, во јужниот дел на Бахамите. Оваа недопрена тропска убавина се протега на преку 60,7 хектари и тоа во комплет со 30 лица персонал, кој на летувалците им обезбедува целосна осаменост. Во овој егзотичен ресорт со 12 спални соби не е дозволено да има повеќе од една резервација во исто време, а ноќевање чини 52.000 долари. Меѓу познатите кои сакаат овде да го минуваат својот одмор се американските актери Еди Марфи и Николас Кејџ.

4

Тед Тарнер

Откако во 1979 година основачот на американскиот медиумски гигант CNN, Тед Тарнер, го купи својот остров Свети Филип за неименувани износ, тој неочекувано беше вмешан во пограничен спор. Се покажа дека соседниот остров Света Елена е во сопственост на племе кое го користи за лов и риболов.

Островот, лоциран крај брегот на Јужна Каролина, не е отворен за јавност. До неодамна Тед Тарнер беше на прво место меѓу приватните сопственици на земјиште во Америка, додека медиумскиот магнат Џон Малоун не ја зголеми сопственоста на 890.000 хектари.

5

Мел Гибсон

За “скромна” сума од 15 милиони долари, во 2005 година американскиот актер Мел Гибсон го купи островот Маго, дел од архипелагот Фиџи. Овој остров од 2.185 хектари е еден од најголемите острови во Јужен пацифик. Екологистите беа загрижени дека Гибсон може овој автентичен остров да го претвори во луксузно одморалиште. Сепак, актерот соопшти дека има намера да го остави таков каков што си е и само да изгради куќа во која ќе одмора.

6