Седумнаесет проекти на компании се избрани за финансирање со вториот повик за доделување средства на Фондот за иновации и технолошки развој.
Преку инструментите за поддршка на кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф поддршка ќе добијат 10 проекти, од кои најголемиот дел, седум, се од ИТ секторот, два се за дизајн и уметност, а еден проект за технологии применети за спорт. За финансирање на тие проекти се обезбедени 277.000 евра, а треба да се реализираат во рок од една година.
Преку инструментот кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, што Фондот го објави првпат, се избрани седум проекти. Финансиската поддршка е до 100.000 евра, а вкупно за сите се распределуваат 600.000 евра. Два од проектите се од ИТ секторот и по еден од производство на неметални минерални производи, производство на мебел, инженерство, градежништво и земјоделство. Рокот за реализација изнесува 24 месеци.
Со вториот повик Фондот доделуваше вкупно 1,3 милиони евра, но 400.000 евра наменети за кофинансирани грантови за трансфер на технологии нема да бидат распределени.
Вториот повик на Фондот за иновации беше отворен за трите инструменти за поддршка од 21 септември до 21 октомври годинава. Од 95-те предлог проекти, 39 ја поминаа фазата на претселекција, а 17 се избрани за финансирање.
Со првиот повик Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди поддршка за 16 старт – ап и спин – оф претпријатија во износ од 460.000 евра, најголем дел од ИТиндустријата, кои веќе работат на развој на иновативни проекти.
Следниот повик на Фондот за финансирање проекти ќе биде објавен на почетокот на следната година.