Шпилје и Глобочица предвреме го реализираа годишниот план

62

Двете хидроелектрични централи, Шпилје кај Дебар и Глобочица кај Струга, што го сочинуваат црнодримскиот слив, предвреме го реализираа годишниот план, произведувајќи до средината на декември вкупно 527 милиони киловат часови електрична енергија, пишува Миа.

“Зацртаниот план се реализира во првата декада од овој месец. Тоа значи дека сè што потоа е произведено е натфрлување на планот за годинава. Реално очекуваме да бидат произведени околу 20 милиони киловат часови електрична енергија повеќе од планираните за оваа година“, велат од ЕЛЕМ.

Во ХЕЦ Шпилје, каде годишниот план е проектиран на 300 милиони kwh електрична енергија, до средината на декември се произведени над 307 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува поголемо производство од планираното за околу 3%. Во ХЕЦ Глобочица произведени се околу 220 милиони kwh или за околу 13% повеќе од планот.

“Во акумулацијата Дебарско Езеро средниот дотек на вода од реките Радика и Црн Дрим, кои го сочинуваат дебарското сливно подрачје изнесува околу 35 кубни метри вода во секунда, а во акумулацијата има резерва за производство на над 12 милиони kwh. Речиси идентична е состојбата и во ХЕЦ Глобочица“, потврдуваат надлежните.

Според нив, тоа значи дека е создаден простор за прием на очекуваните дотоци за овој период од годината.

Добрите производни резултати, како што велат, се должат на поволната хидрологија на сливно подрачје, посебно во првата половина на годинава, како и максималната подготвеност на електромашинската опрема што се должи на успешно реалзиираните планирани ремонти и ревизии.

Годинешното производство се вбројува во низата рекордни производни години во овие значајни елетоенергетски објекти во земјава кои главно работат според потребите на системот.

Максимално рекордно производство од над 500 милиони kwh во Шпилје е забележано пред пет години, поради исклучително поволната хидрологија, која како што оценуваат надлежните се случува еднаш на 100 години.