Македонски ИТ компании ќе соработуваат со германски софтверски фирми

115

9-great-document-collaboration-tools-for-teams-2006077219Осум софтверски компании од Македонија ќе понудат можности за соработка со германски ИТ компании на билатерални бизнис средби, што ќе се одржат денес и утре во Дизелдорф, Германија.

Средбите на Артхаус, Итгма, ГОРД Системи, АСПЕКТ, Семос едукација, АСИ, СИМТ и Инет се овозможени од страна на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Македонија, Македонската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), со поддршка од УСАИД и Проектот за инвестиции и промоција на извозот (ИДЕАС), имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ).

“Ние веруваме дека ефективните состаноци ќе предизвикаат понатамошни деловни преговори кои пак ќе вродат со продажба, нови партнерства и взаемна соработка. Македонските ИТ компании знаат дека инвестирањето во технологија, како и јакнење на капацитетите се клучни за нивната способност да се натпреваруваат, да растат и да бидат профитабилни во предизвикувачкиот глобален пазар”, изјави Кирил Миноски, сениор советник за промоција на извоз во ИДЕАС.

Од Проектот на УСАИД соопштуваат дека како што Владата на Република Македонија и самите бизниси бараат раст преку диверсификација и извозна експанзија, тие имаат потреба од стратегии кои ќе ја позиционираат земјата и компаниите подобро да се натпреваруваат на глобално ниво.

“Повеќе од две години, проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот работи со Инвест Македонија и ја поддржуваат македонската ИТ индустрија како една од извозно потенцијалните сектори во македонската економија. Преку проектот ИДЕАС, УСАИД работи со владините институции и други партнери на зајакнување на нивната координација, на човечките и институционалните капацитети и на подобрување на конкурентноста на приватниот сектор со цел да се подобри севкупната економија”, стои во соопштението.