Компанијата Балкан енерџи, од Регулаторната комисија за енергетика бара да ја намали цената на парното и тоа да грее до 23:30 часот.
Од Регулаторна велат дека за комплетирање на процедурата нема да треба повеќе од два месеци, доколку документацијата на Балкан енерџи е во согласност со Правилникот за снабдување со топлинска енергија и Методологијата за пресметка на цената на парното, пишува Утрински весник.
Балкан енерџи која од почетокот на 2013 го снабдува главниот град со топлинска енергија проценила дека може да испорачува сметки помали за 5%. За таа цена граѓаните на Скопје ќе добијат два и пол часа подолго затоплување.
За промена на времето на испораката на топлинска енергија треба да се менува членот на Правилникот кој сега го ограничува загревањето на становите од 6 до 21 часот.
Доколку Балкан енерџи максимално го користи капацитетот на гасната централа Те-то, тогаш ќе може да затоплува подолго од 21 часот, бидејќи централата ќе функционира 24 часа. Нејзината работа задоволува околу 30% од потребите за греење на над 50.000 семејства во Скопје.