Компаниите со мала инвестиција во систем за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија може да заштедат 5% до 10% од потребната енергија на годишно ниво. Со поголема инвестиција на среден или долг рок се постигнуваат заштеди од 20% до 30% од вкупните производствени трошоци на компаниите, пишува Миа.
Ова го порача Дејан Блажев, директорот на Проектот за индустриски менаџмент на УСАИД на денешната прес конференција во Стопанската комора на Македонија, кој нагласи дека инвестирањето во енергетската ефикасност преку подобрување на управувањето со потрошувачката на енергија во индустријата подобро влијае од инвестирањето во нова опрема и технологии кои имаат поголема енергетска ефикасност.
Проектот за индустриски менаџмент на УСАИД работи на воведување енергетски менаџмент во индустриските компании преку воведување на систематски и континуиран пристап и посветеност во управувањето со потрошувачката на енергија. Главна активност му е воведување системи за управување и мониторинг на потрошувачка на енергија во индустриските компании со кофинансирање од УСАИД.
Во изминатите две години, посочи Блажев, 17 средни и поголеми компании од различни области во Македонија веќе го воведоа системот за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија, од кои поголемиот дел постигнаа заштеди од 10% од потребите за енергија на годишно ниво, а некои имаат заштеда од 2% до 3%.