Најбогатите луѓе во светот имаат богатство колку 99% од светската популација

54

pari

Најбогатите луѓе во светот, што чинат 1%, располагаат со поголемо богатство одошто остатокот од светот заедно, покажува извештајот на организацијата Oxfam.

Во извештајот се наведува дека имотот на сиромашните луѓе во светот се намали за 1.000 милијарди долари од 2010 година наваму, што е пад од 41%. Од друга страна, богатството на 62-цата најбогати луѓе во светот се зголеми на 1.760 милијарди долари.

“Најбогатите луѓе во светот повеќе не може да се преправаат дека сите имаат бенефит од нивното богатство. Екстремното богатство е знак колку е слаба глобалната економија. ’Експлозијата’ од богатство на супер – богатите се рефлектираше врз најсиромашните луѓе во светот“, вели Вини Бјанјима, главен извршен директор на Oxfam.

Загрижува и фактот што голем дел од богаташите избегнуваат плаќање на данок. Извештајот покажува дека доколку тие редовно ги плаќаат даноците, секоја година владите ќе имаат на располагање дополнителни 190 милијарди долари.

Иако светските лидери се залагаат за намалување на нееднаквоста во светот, разликата меѓу богатите и сиромашните драматично се зголеми во 2015 година. Од Оxfam повикуваат на итна акција за справување со екстремната нееднаквост, што е огромна закана за напредокот во борбата против сиромаштијата.

Оваа тема ќе биде една од многуте на којашто ќе дискутираат светските економски и политички лидери на годишниот Светски економски форум што се одржува во Давос, Швајцарија, од денеска до 23-ти јануари.