Шпилје и Глобочица лани забележале рекордно производство на струја

50

Хидроелектраните Шпилје кај Дебар и Глобочица кај Струга, коишто го сочинуваат Црнодримскиот слив, лани забележале рекордно производство на електрична енергија, пишува Миа.

Тоа, како што велат надлежните во ЕЛЕМ, е резултат на поволната хидрологија на ова сливно подрачје, коешто го сочинуваат реките Радика и Црн Дрим, како и навреме и успешно реализираните ремонти и ревизии на електромашинската опрема.

“Во ХЕЦ Шпилје лани се произведени 314 милиони киловат часови електрична енергија, што е за околу 5% повеќе од планот. Во ХЕЦ Глобочица произведени се 227 милиони киловат часови, што е околу 17% повеќе од годишниот план. Двата значајни електроенергетски објекти, коишто работат главно според потребите на системот лани произвеле вкупно 542 милиони киловат часови“, велат во ЕЛЕМ.

Во акумулациите Дебарско Езеро и Глобочица има резерва на вода за производство на 22 односно 20 милиони киловат часови електрична енергија.

Просечниот доток во акумулациите изнесува 110 метри кубни вода во секунда. Како резултат на тоа двата објекта работат под полн капацитет.

Обилните дождови го зголемија дотокот на вода, а со самото тоа и нивото на акумулациите. Снегот којшто во овој регион го има над 20 см во пониските делови и многу повеќе во планините е гаранција за поголем дотек на вода во пролет, кога ќе почне да се топи снегот од планините.