Пуштен во работа далновод што ги поврзува Македонија и Србија

26

mepso

Компанијата МЕПСО на 22-ри овој месец во трансформаторската станица 400/110 kV Штип го одбележа пуштањето под напон на новиот 400 kV далновод што ги поврзува електропреносните системи на Македонија и на Србија.

Овој далновод е капитален објект вреден над 11 милиони евра на македонска територија и е од големо стратешко значење затоа што поврзува два соседни електроенергетски системи на коридорот север – југ.

“Вклучувањето на овој далновод значи зголемена доверливоста, подобрена стабилност, поголема можност за размена на електрична енергија меѓу системите. Помалку грижи на монтерите, вклопничарите и погонските електричари, помирна работа за инженерите и за оперативните водители на македонскиот електропреносен систем оператор“, потенцираше Синиша Спасов, генералниот директор на МЕПСО во своето обраќање пред присутните.

На свеченоста се обрати и Бранко Шумоња, извршен директор за управување и пазар во Електромрежа Србије (ЕМС), српскиот систем – оператор.

“За нас енергетичарите нема поважен мост од интерконективен далновод како што е овој со којшто се поврзани преносните системи на Република Србија и на Република Македонија“, истакна Шумоња и додаде дека со овој проект значајно се подигнува сигурноста на регионално ниво и понатамошниот развој на пазарот на електрична енергија во нашиот регион.

Новиот далновод на македонска територија е поставен на 168 челично решеткасти столбови поставен на траса долга 70 километри од Штип до македонско – српската граница во близина на Куманово. Капацитетот за размена на електрична енергија на овој вод е 600 MW (мегавати). Со овој далновод македонскиот електропреносен систем доби петта врска со четири соседни електропреносни системи. И тоа две интерконекции со грчкиот електропреносен систем и по една врска со електропреносните системи на Србија, Бугарија и на Косово.

Со изградбата на овој 400 kV далновод МЕПСО, со поддршка на Владата, во периодот од 2007 година до сега вложи околу 35 милиони евра во преносната мрежа во источна Македонија и тоа во изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во Штип, изградба на 400 kV далновод од Штип до македонско – бугарската граница и во изградба на овој далновод со којшто се поврзуваат електропреносните системи на Македонија и на Србија.