Здрав сон за квалитетен живот

283

spienje

Фото: Pexels

Несомнено е дека добриот сон е многу важен за правилното функционирање на човечкиот организам. Постојат многу причини зошто здравиот сон е една од клучните здрави навики што секој од нас треба да ги практикува.

Премалку, но и премногу спиење може да биде причина за одредени психички и физички состојби што негативно влијаат на нашето тело и мозок.

Здравиот сон подразбира спиење во ноќните часови, на квалитетна перница, без будење во период од шест до осум часа.

Тој е повеќе од потребен за луѓето што имаат одговорни функции од чии одлуки зависат и други луѓе, како претприемачите и бизнисмените.

Токму затоа квалитетниот сон треба да биде на прво место на нивната TO DO листа.

Еве кои се неговите придобивки:

Квалитетниот сон значително ги намалува шансите за срцеви заболувања, бубрежни дисфункции, висок крвен притисок, мозочен удар и дијабатес.

Добриот сон ја чува вашата линија и ве штити од прекумерна тежина, со тоа што го одржува балансот на хормоните виновни за чувство на глад (грелин) и ситост (лептин).

Ја подобрува меморијата, односно прави мудра селекција на она што треба да се запомни. Додека спиеме, неважните информации што сме ги добиле во текот на денот се чистат и се остава простор само на оние што ни се потребни. На пример, многу подобро ќе ги складирате важните информации од утринските состаноци, ако ноќта сте спиеле мирно и комотно.

Квалитетниот сон помага полесно да ги обработите информациите. Ако сте имале непроспана ноќ или сте спиеле во лоша положба, што секако придонесува за утринскиот замор, одлуките што треба да ги донесете во текот на денот може да не бидат најпаметни.

На мозокот му е потребно ресетирање додека спиеме, со цел да може рационално да размислува во текот на денот. Затоа од клучно значење е добро приспиената ноќ, ако ви претстојат важни одлуки следниот ден.

Добриот сон ја зголемува продуктивноста. Ако телото е одморено, тоа функционира онака како што треба, а нашиот перформанс во текот на денот е значително подобар. Освен тоа што помага за подобрување на меморијата, квалитетниот сон ја зголемува и концентрацијата, брзината на работењето и ефикасноста.

Како до подобар сон?

Трудете се да легнувате и станувате во исто време, секогаш кога можете.

Не конзумирајте кофеин во било каква форма четири до шест часа пред да си легнете.

Доколку сте пушач, воздржете се од пушење пред да заспиете или ако се разбудите во текот на ноќта. Истото важи и за алкохолот и тешките оброци.

Редовно вежбајте.

Светлината и звуците во спалната соба треба да бидат минимизирани, а температурата да е оптимална.

Обидете се да се будите без аларм.

Обезбедете квалитетна перница. За лошиот сон честопати знае да биде причина и неприспособена и неквалитетна перница.