Потпишан договор за деловна соработка помеѓу СЦ Борис Трајковски и оне.Вип

79

IMG_0469

Компанијата оне.Вип ДОО Скопје и спортскиот центар Борис Трајковски денеска потпишаа договор за деловна соработка, се вели во соопштението.

Во рамки на договорот предвидено е целосно брендирање на дел од капацитетите на СЦ Борис Трајковски под брендот Вип, како и именување на мултифункционалната спортска арена во Вип арена и дел од останатите спортски објекти соодветно. Во рамки на договорот предвидено е и заедничко учество на оне.Вип ДОО Скопје и спортскиот центар Борис Трајковски во проекти од хуманитарен карактер, а токму во рамки на оваа партнерска соработка на околу 400 деца без родители и родителска грижа, сместени во домовите во Скопје и во згрижувачки семејства ќе им бидат доделени билети за користење на лизгалиштето, како најава за почеток на оваа општествено одговорна кампања.

“Мило ми е што и на овој начин преку оваа соработка на оне.Вип, поточно на Вип брендот со спортскиот центар Борис Трајковски, продолжуваме да придонесуваме за општеството, и токму затоа инсистиравме во рамки на овој договор да влеземе во партнерски проекти кои ќе имаат за цел да го поттикнат здравото живеење и спортскиот дух кај сите граѓани. Се надевам дека ќе успееме на дечињата од домовите и од згрижувачките семејства да им го разубавиме слободното време и да ги поттикнеме да спортуваат, изјави Никола Љушев, Извршен директор на оне.Вип.

Спортскиот центар Борис Трајковски, како што се наведува, е елитен комплекс и претставува единствен центар од мултифункционален карактер на територијата на Република Македонија. Токму овие карактеристики на центарот, придонесоа истиот да биде интересен за ваков вид на соработка.

“Денес со компанијата оне.Вип потпишуваме договор за деловна соработка, а во негови рамки предвидено е заедничко учество на проекти кои имаат за цел да ги поттикнат здравиот начин на живот и спортскиот дух кај сите граѓани од нашата држава. Со поддршката која што е договорено да ја добиваме ќе можеме посигурно да зачекориме и во нови деловни активности, со оглед на тоа што се работи за најголемиот спортски објект во земјата за што се потребни големи средства за негово одржување. Планирани се многу заеднички новитети и активности, а започнуваме со преименувањето на големата сала во Вип Арена во стилот на големите спортски центри ширум светот, притоа напоменувајќи дека името на спортскиот центар останува исто како досега во чест на големиот поранешен претседател на Република Македонија, господинот Борис Трајковски“, истакна Златко Перински, директор на  СЦ Борис Трајковски.

Договорот за соработка помеѓу оне.Вип ДОО Скопје и СЦ Борис Трајковски се потпиша во времетраење од две година, со можност за продолжување на уште две години, а започнува да важи од 15 февруари 2016 година. Условите и сумата на договорот остануваат во рамки на деловни информации.