Се отвора Hub Скопје – иднината во работењето пристигна!

43

sl

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија и имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, утре, 17 февруари 2016, во 12:00 часот, ќе отвори коворкинг простор и акцелератор, Hub Скопје.

Целта на оваа активност е да се обезбеди пристап до иновативна и инспиративна работна околина за претприемачи и компании во рана фаза, фриленсери и поединци кои сакаат да започнат свој сопствен бизнис. Целта на проектот е да се помогне во создавање на работни места преку поттикнување на растот и развојот на што повеќе бизниси.

Пред присутните ќе се обратат г. Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, г-ѓа Катарина Штокер, заменик шеф на мисија, Амбасада на Швајцарија во Република Македонија, Весна Кардалевска, проектен менаџер ЦЕЕД Македонија и Хана Рудис, координатор за раст, Impact Hub Global.

ЦЕЕД Македонија ќе соработува со Млади Инфо и SWTA, кои ќе ни помогнат да допреме до младите претприемачи и заедно со мрежата на Impact Hub Global да ги подобриме услугите во HUB Скопје. Заедно ќе креираме екосистем кој е мост на вашето патување од старт-ап до силни и напредни компании. Ние знаеме што сè е потребно да се биде претприемач – да се работи на проблеми што треба да се решат и со индустрии коишто прават промени. Ние сме свесни дека да градиш живот под сопствени зададени услови не е лесно патување. Затоа нудиме менторство, коучинг, инкубација, акцелераторски работилници, настани, вмрежување…

Овој простор ќе ја нуди флексибилноста што ја имате во вашиот дом, атмосферата во кафуле и успешно ќе ги спои со акцент на меѓусебна соработка и градење на заедницата.

Без разлика дали сте претприемач, социјален претприемач, ИТ/фриленсер, дизајнер, креативец, корпоративен професионалец, студент или во процес на промена на кариерата – придружете ѝ се на нашата заедница за соработка, за заедно да го градиме прототипот на иднината на бизнисот, технологијата и општеството.