Надградба на куќа со одобрение без ДУП

48

Секој граѓанин во Македонија ќе може да ја надгради својата куќа до максимална висина од 10 метри и 20 сантиметри и во случај ако надградбата на објектот не е предвиден во планската документација, јавува Миа.

Ваквата измена е предвидена во измените на Законот за градење што Собранието ги донесе на вчерашната седница, а за кои денеска информираше министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

“Доколку имате куќа и сакате да вршите надградба, прво од општината мора да поднесете барање за одобрение за градење се разбира со претходно изработен проект за градба. Без разлика дали надградбата на вашиот објект е предвидена во урбанистичката планска документација, општината по сила на закон мора да ви издаде одобрение за градење и да дозволи да го надградите својот објект. До сега ако сакавте да доградувате во висина постоеше услов, надградбата мораше да биде предвидена во планската документација за да може општината да ви издаде одобрение за градење“, рече Мисајловски.

Тој додаде дека не станува збор за доградба на објектот, бидејќи тогаш ќе се бара измена на план и се менува градежната парцела. Станува збор само за надградба на куќа до 10 метри и 20 сантиметри висина, односно приземје, два ката и поткровје.